Хиперсоничните боеви глави за балистичките ракети „Авангард” ќе влезат во состав на руската војска 2019 година, а тешките балистички ракети од нова генерација „Сармат” 2020 година, соопшти Владимир Путин на военото советување во Сочи.
Крстосувачкиот боев блок „Авангард” е наменет за опремување на балистичките ракети, вклучувајќи ја и најновата ракета РС-28 „Сармат”. Боевата глава не можат да ја запрат постојните системи за противракетна одбрана поради нејзината хиперсонична брзина и способностите за маневрирање во текот на летот. Современите системи за противракетна одбрана се наменети за пресретнување на објекти кои се движат со непроменлива и предвидлива траекторија.
Клучната карактеристика која ја поседува интерконтиненталната балистичка ракета „Сармат” ѝ овозможува да стигне на целта по траекторија која е неочекувана за непријателот. „Може да лета преку двата пола на Земјата“, објасни заменик-министерот за одбрана на РФ задолжен за прашања на вооружувањето Јуриј Борисов. Ракетата е опремена со систем за избегнување на ПРО и може да носи преку десет термонуклеарни боеви глави.
Претседателот на Русија истакна дека другите модели на најново вооружување веќе влегуваат во употреба.
„Високопрецизниот хиперсоничен авиоракетен систем „Кинжал“ и најновиот ласерски систем веќе се на пробно дежурство во Јужниот воен округ“, рече Путин.
Рускиот претседател им се заблагодари на конструкторите на руското оружје и истакна дека новото оружје ги надминало странските пандани.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче