Рускиот хиперсоничен ракетен комплекс „Авангард“ веројатно оперативно ќе биде подготвен веќе од 2020 година, заклучува Тв-каналот Си-Ен-Би-Си врз основа на информациите на американските разузнавачки служби.
Според информациите на американскиот разузнавачки апарат што ги пренесоа неименувани извори, Русија извршила две успешни пробни лансирања на ракетата „Авангард“ во 2016 година. Уште едно лансирање, кое е извршено 2017 година, поминало неуспешно откако ракетата претрпела хаварија по неколкуте воведни секунди од летот. Американската разузнавачка заедница дошла до податоци дека во текот на овие тестови, место вистински боеви глави се употребени нивни макети, што е, се разбира апсолутно логичен след на настаните, затоа што никој не е луд при тест-лансирање на ново оружје на истото да поставува блок со нуклеарни боеви глави чија сила се мери во стотици килотони. Според нивните информации, Русија се подготвува и оваа година да го изврши своето четврто пробно лансирање на оваа ракета.
Американската разузнавачка заедница е многу загрижена поради борбените можности на овој комплекс, кој е способен многу ефикасно да го пробие секој облик на противракетен штит што го градат САД. Според нивните податоци, се работи за ракета која поседува извонредни маневарски способности со голема непредвидливост на траекторијата на својот лет, при што таа достигнува хиперсонични брзински карактеристики.
На 1 март 2018 година претседателот на Руската Федерација Владимир Путин му обзнани на целиот свет дека Русија развила нова генерација стратешко оружје кое по својата супериорност надминува сѐ што човечката рака создала досега.
Како одговор на овие предизвици командантот на Стратешката команда на Војската на САД, генералот Џон Хајтен при својата посета на Сенатот изјави дека САД во моментов не располагаат со ефикасно вооружување со кое можат да се спротивстават на развојот на ударни хиперсонични ракети кој се случува во Русија, но и Кина. Како одговор на ова временско заостанување, САД мораат сите свои напори да ги концентрираат на развојот на тактички нуклеарни боеви глави кои во однос на стратешкото вооружување се одликуваат со помала, но сосем доволна разорна сила.