Како изгледаат седанот и миникомбето на новата марка руски „претседателски” автомобили „Аурус“?

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Комплетната презентација е предвидена за Московскиот саем на автомобили што се одржува од 29 август до 9 септември.

На свечената инаугурација одржана на 7 мај во Кремљовскиот дворец во Москва Владимир Путин пристигна со новата лимузина од проектот „Кортеж“ (автомобили од премиум класа наменети за највисоките претставници и високите државни функционери). Автомобилот настанат во рамките на проектот „Единствена модуларна платформа“ беше тогаш првпат претставен јавно. Развиен е од Централниот научноистражувачки институт за автомобили и мотори, финансиран од федералниот буџет, а беа вклучени и странски партнери.

Автомобилите од проектот „Кортеж“ ќе се произведуваат и продаваат под ознаката Aurus (кованица настаната од зборвите Aurum-злато и Russia – Русија). Линијата на овие автомобили опфаќа и кросовер, „класичен“ седан и миникомбе. Последните два модела беа прикажани во репортажа на телевизиската станица „Русија 24“.

Автомобилите Aurus ги добија имињата според кулите на московскиот Кремљ, па така седанот е наречен „Сенат“ (исто се вика и лимузината), миникомбето е „Арсенал“, а теренецот „Командант“. Како што се очекува, сите називи ќе бидат напишани на латиница -  Senat, Arsenal и Komendant.

Дизајнот на „краткиот“ седан не се разликува од лимузината. Миникомбето доби „семејна“ маска на ладилникот (многу слична на решетката на „Ролс-Ројс“), меѓутоа, MPV има поинаков преден браник и потесни фарови.  

Според првичните податоци, класичниот седан Aurus Senat и миникомбето Aurus Arsenal се опремени како и лимузината со хибриден уред составен од бензински мотор V8 4.4 со 598 коњски сили (развиен со поддршка на „Порше“), автоматски менувач со девет брзини на руската компанија КАТЕ и меѓу нив вграден електромотор. Погонот е на сите четири тркала.

Како што претходно изјави министерот за индустрија и трговија на РФ Денис Мантуров, почетната цена на луксузниот руски автомобил најверојатно ќе биде најмалку десет милиони рубли. Мантуров додуша не прецизираше на кој модел мисли. Примањето на порачки за седанот и лимузината би можело да почне веќе во текот на оваа година, додека миникомбето и теренецот како што изгледа, ќе се појават подоцна. Освен тоа, автомобилите ќе се продаваат не само во Русија, туку и во странство. За возилата со ознаката Aurus ќе се знае многу повеќе кон крајот на август кога ќе бидат претставени на Московскиот саем на автомобили.

Прочитајте повеќе: Проектот „Кортеж” ќе добие и свечен кабриолет