Вај-фај системот на Московското метро повеќе од година дена овозможуваше прибирање на телефонските броеви и личните податоци на сите патници во возовите, вклучувајќи ги нивните години, брачниот статус и патот што редовно го минуваат. Владимир Серов, програмерот кој ја откри оваа ранливост на системот, разви програма која ги следи сите патници под земјата.
Според руските закони за борба против тероризмот, кога патниците на метрото ги регистрираат своите телефонски броеви за да користат вај-фај, нивната MAC адреса и личните податоци стануваат достапни за операторот на мрежата. Тоа обично се користи за таканаречениот гео-таргетинг и огласување.
Според Серов, МаximaTelecom, управувачот со вај-фај мрежата, не ја пружил потребната заштита на корисничките податоци. „Затоа решив да ја проверам авторизацијата“, им изјави Серов на руските новинари.
„Ако ја знаете МАС адресата, можете да ги добиете податоците на корисникот кој ја поминал авторизацијата за пристап до бесплатниот интернет“, рече Серов, додавајќи дека со помош на посебни програми еден криминалец може потенцијално да прибира податоци од сите патници во возот.
Серов се обрати до московските власти, но не доби никаков одговор, па се реши да раскаже сѐ за своето неверојатно откритие на колективниот блог Хабрахабр. Напиша текст под наслов „Како да го дознаете телефонскиот број на речиси секоја убавица во Москва, или интересната карактеристика на мрежата MT_FREE“.
По објавувањето на Хабрахабр, МаximaTelecom ја осигура мрежата и побара од Серов да го отстрани својот текст, нешто што тој го одби.
„Компанијата цело време беше свесна дека ги крши основните правила за заштита на личните податоци“, рече Серов. „Не само што ги чуваа незаштитени податоците за корисниците, туку и направија тие податоци да бидат достапни преку незаштитен канал во отворена мрежа. Зошто да молчам кога знам дека со моите лични податоци се постапува на таков начин?“.
Според MaximaTelecom, во 2016 година на мрежата MT_FREE имало регистрирано речиси 12 милиони корисници. Истата мрежа е достапна и во Петербуршкото метро, во брзиот воз на московските аеродроми и „Руски железници“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче