Зошто руските програмери одат да живеат во шума?

Getty Images
Алексеј Конишев, програмер, веб девелопер и поранешен вработен во рускиот технолошки и ИТ-гигант „Јандекс“ основа колонија истомисленици далеку од градската врева. Какви планови готват овие стручњаци и треба ли Пентагон да биде загрижен?

Шестмина руски програмери со сопругите и со децата се отселија на тивко место во Кировската област, околу 500 километри од Москва. Основачот на оваа колонија Алексеј Конишев го направил овој рај на земјата за програмерите и за нивните семејства пред 4 години. Тој купил 17 хектари земја покрај борова шума, ја поделил на 60 парцели од по 12 ари, оставил место за заеднички зони, спровел вода, струја и Интернет. Во колонијата не пијат алкохол и не се дрогираат. 

Подалеку од урбаниот пекол 

„Одлуката падна кога минав викенд во Кировската област“, вели Алексеј. „Мене, а и на жена ми, ми се допадна шумата, залезот на сонцето, павилјоните на брегот од реката, мирисот на скарата, опуштената и пријатна атмосфера. Сфатив дека не сакам да се вратам во Мoсква, во бучниот, бетонски пекол, кадешто луѓето секогаш некаде брзаат“. 

На Конишев му паднала на ум идеја за колонија и напишал за тоа на сајтот на блогерот-технолог Хабрахабр. Набрзо се нашле истомисленици. 

Враќање на корените 

Конишев се родил и пораснал во Кировската област. Се преселил во Москва кога имал 21 година, се вработил во компанијата „Јандекс“. На почетокот ја сакал својата работа, амбициозните луѓе и големите можности. 

Но, минало извесно време и животот во градот станал неподнослив. Алексеј сега работи од дома, како и сите од оваа колонија. Тој е шеф на службата за планирање и развој на една финансиска компанија.

За пет години во колонијата се вложени 190.000 американски долари. Таа се наоѓа недалеку од малиот град Слободској со 30.000 жители, каде се наоѓаат училиштата, болницата и продавници. 

„Три деца се родени во колонијата“, вели Конишев.

Цена на соништата 

Парцела во колонијата сега чини околу 6.000 американски долари. Цената на храната, активностите за децата и многу други работи во градот Слободској се многу пристојни. 

За да станат членови на колонијата луѓето мораат да исполнуваат определени критериуми. Конишев ги одбива оние што објавуваат фотографии во пијана состојба на социјалните мрежи, приврзаници на политичкиот екстремизам, без разлика дали се за или против власта. 

„Во нашата колонија живеат луѓе со различни политички погледи, но ние не поддржуваме екстремизам“. 

Конишев сега планира да подигне неколку куќи за заедничко користење и спортски терени. Минатата година предавал во школа за програмирање и планира да отвори камп во кој ќе ги обучува децата бесплатно.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња