Турците воодушевени од рускиот систем 9К135 Корнет-Е

Наука и технологија
СЛОБОДАН ЃУКИЌ
Турската армија мошне успешно ги испроба можностите на рускиот противтенковски ракетен систем 9К135 Корнет-Е за време на операцијата против курдската полиција на северот од Сирија. На Интернет се појави видеоматеријал каде е прикажано дејството на овој систем за време на операцијата „Маслиново гранче“ во реонот на сирискиот град Африн.

Моментално во вооружувањето на турската армија се наоѓаат околу 80 лансирни единици од противтенковскиот ракетен систем 9К135 Корнет-Е, со околу 800 ракети 9М133. Покрај рускиот систем во единиците на турската армија се наоѓаат и слични системи од западно потекло како што се Cobra, Eryx, и Milan. Благодарение на високата борбена вредност што ја прикажаа руските системи Корнет-Е, за време на антитерористичката операција на југот на Турција и на просторот на Сирија, турското Министерство за одбрана реши да го „одврзе ќесето“ и од Русија да набави нов контингент од овие „убиствени“ борбени системи.

Турците овој систем го употребуваа во борбата против голем број утврдени точки кои ги има зафатено курдската полиција во околината на градот Африн. Гаѓани се стационарни и подвижни цели на непријателот, како што се митралески и снајперски гнезда заштитени со природни и со вештачки препреки, позиции со противтенковски системи 9к111 „Фагот“, преработени моторни возила кои масовно ги употребуваат Курдите и слично. Во таа пригода „Корнет-Е“ покажа исклучително високо ниво на сигурност и ефикасност и обезбеди решавање определени тактички ситуации кои со стандардни средства не би можеле толку брзо и лесно да се совладаат. Едноставно, ваквите системи немаат цена кога ќе се види нивниот краен резултат. Имајќи го ова предвид, Турците се решени да донесат одлука за проширување на воено-техничката соработка со Руската Федерација со цел дополнителна набавка на овие системи.

Рускиот противтенковски комплекс 9К135 Корнет е еден од најпопуларните системи во светот кога станува збор за областа на наведувачко противтенковско оружје. Репутацијата на прецизен, сигурен и мошне ефикасен систем го има стекнато на боиштата на Блискиот Исток како што се Јемен, Сирија, Либан, Ирак, Турција, Египет, Либија итн. Практичните услови на примена утврдија навистина големи можности кога станува збор за борбата против најсовремените основни борбени тенкови на современото време, како што се М1А2 Абрамс, Леопард, Меркава. Освен руската армија корисници на овој систем се и војските на Азербејџан, Ерменија, Алжир, Грција, Индија, Јордан, Брегот на Слоновата Коска, Либија, Сирија, Перу, Турција Еритреја. Во своето вооружување го има и шиитската воена организација Хезболах која дејствува на просторите на Либан.

Треба одделно да се споменат и високите резултати на овој систем за време на операцијата на руските командоси (силите за специјални операции) на просторите на централна и на источна Сирија. Неговата висока борбена вредност е прикажана за време на една доста сложена тактичка ситуација кога поради лошата координација со сириската војска една помала единица руски командоси остана практично сама „очи в очи“ со група од над 300 милитанти на Исламската држава. Доколку руските специјалци во својот арсенал го немаа ракетниот систем Корнет, прашање е дали некој од нив денес би преживеал. Имено, елитната единица на Исламска држава која се нашла тука, испратила на оваа група командоси еден блиндиран камион-самоубиец во придружба на 1-2 тенка и неколку импровизирани борбени возила полни со луѓе. Со хируршки прецизен оган од системот Корнет најпрво е уништено блиндираното возило-камиказе, а потоа најмалку уште еден тенк. Со брзо дејство на овој систем погодени се и неколку возила за поддршка, и уништени се „мал милион“ милитанти, заклучуваат руските командоси.

Исто така треба да се спомене и еден вид бламажа што ја претрпе израелската војска во судирот со вооружената шиитска организација Хезболах во 2006 година. Во таа пригода особено настрадаа оклопно-механизираните единици на израелската армија, токму од страна на мошне вештите и мотивирани послуги на системот Корнет-Е. Според израелски извори, за само еден месец нивната војска успеала да изгуби дури 46 тенка од типот Меркава во сите свои варијанти (уништени или онеспособени), што навистина претставува неверојатен податок доколку се знае степенот на организација и обука која секако ја има израелската армија. Определени извори велат дека Израел во оваа операција има претрпено вистинска катастрофа, и дека има изгубено повеќе од 150 тенкови Меркава во судир со руските системи Корнет-Е кои безмилосно ги употребувале припадниците на Хезболах.

Нешто слично овие години гледаме во Јемен каде шиитската организација Ансар-Алах (Хути) мошне ефикасно спречи пошироко ангажирање на оклопна техника од страна на коалицијата која е собрана околу Саудиска Арабија, и со тоа ја продолжи својата упорна одбрана против далеку надмоќните непријателски сили кои главно се потпираат на воздухопловната поддршка со жртвување на „помалку вредните“ коалициски сили и платени формации.

Рускиот противтенковски ракетен комплекс 9К135 Корнет (НАТО ознака AT-14 Spriggan) е развиен од конструкторите на прочуениот КБП од Тула. Целиот проект е развиен врз база на наведувачките ракети 9К119М рефлекс кои се испукуваат од тенковски топ. Основната намена на овој систем е борба против основните борбени тенкови кои се зајакнати со системи за динамичка заштита. Ракетата 9М133 на целта се наведува со помош на ласерски сноп со кој оператерот ја озрачува метата за време на летот на ракетата. Последните верзии на овој систем функционираат на концепцијата на употреба „испукај и заборави“ каде оператерот не е должен цело време да ја следи метата.

Максималниот дострел на експортната верзија на ракетниот систем Корнет-Е изнесува 5.500 метри во дневни услови и до 3.500 метри во услови на ограничена оптичка видливост – ноќе. Тежината на целиот систем со спакувана ракета во херметички затворен лансирен контејнер достигнува 29 килограми, од кои на самата ракета отпаѓаат 90% од тежината. Нејзиниот калибар е на исто ниво со хаубичка граната која се испукува од самоодна хаубица Мста-С. На боевата глава отпаѓаат седум килограми, додека самото експлозивно полнење е со маса од 4.6 килограми. Олку силна боева глава има способност да пробие речиси 1.300 милиметри хомогена панцирна плоча, како и ѕид од армиран бетон со дебелина од над 3.000 милиметри. Се претпоставува дека досега се произведени 35.000 единици од овој систем.

Прочитајте уште: Дали Русија ги открива тајните на НАТО со продажбата на системите С-400 на Турција?