Конкретната намена на ова одело е намалување на гравитациската сила кој се јавува за време на управувањето со млазни ловечки авиони, која е особено опасна кога пилотот при голема брзина изведува ненадејни вртења во воздух, го менува правецот на движење, врши нагло протнување и слично. При вакви случаи во организмот се јавуваат промени во прераспределбата на крвта, поради што пилотот може дури и да ја изгуби свеста. Најновото одело ќе обезбеди уште поквалитетно намалување на ова оптоварување каде пилотот на мошне покомотен начин ќе може да ги исполнува сите задачи, и каде ќе може да ги искористи маневарските можности на својот авион до максимум.
„Ние на компанијата 'Сухој' ѝ испративме вкупно пет комплети од најновите антигравитациски одела. Во моментов тие се наоѓаат во фаза на тестирање, така што сè уште е рано да се зборува за конечните резултати од нивната примена“, истакнува Поздњаков, а пренесува новинската агенција РИА Новости.
Покрај развојот на специјалното антигравитациско одело, компанијата НПП „Звезда“ на себе ја презеде и задачата за конструкција на шлемови за пилотите кои ќе летаат на ловечките авиони од петтата генерација Су-57. Овие пилотски шлемови се веќе направени и тие веќе долго време темелно се тестираат. Според генералниот директор на компанијата НПП „Звезда“ Сергеј Поздњаков, по испораката на антигравитациските одела ќе се спроведе комплексно тестирање на сите системи за обезбедување на нормална функција на организмот во екстремни окружувања, кои секако се јавуваат за време на управувањето со суперсонични млазни авиони.
Радикалната модернизација на руската армија со најновите видови техника, ја унапреди и областа која се занимава со обезбедување на што поголема заштита, но и комоција на операторот кој ќе управува со техниката. Така, покрај пилотот на млазните ловечки авиони од петтата генерација Су-57, свое специјално одело ќе добијат и тенкистите кои ќе управуваат со основниот борбен тенк од четвртата генерација Т-14 „Армата“.
Станува збор за комплет за заштита на тенковскиот екипаж на 6Б48 „Ратник-ЗК“ кој за тенкистите го разви Центарот за развој на специјални суперотпорни материјали „Армком“. Комплетот е наменет за заштита на екипажот од фрагментна експлозија во оклопното возило, потоа од отворен пламен, исклучително висока температура, како и заштита на зглобовите на нозете и на рацете од механички оштетувања. Во заштитната структура на панцирот се наоѓа хибриден слој кој се состои од традиционални балистички ткаенини во комбинација со полимерни арамидни влакна.
Покрај тенковскиот екипаж, во Русија особено далеку отиде и развојот на специјалните повеќенаменски униформи „Ратник“ наменети за опремување на пешадискиот состав, на специјалните единици итн. Оваа униформа претставува еден мултифункционален борбен систем во кој се интегрирани различни компоненти кои се неопходни во современиот воен судир. Основната цел за време на изработката на оваа опрема е драматично намалување на загубите во жива сила и повеќекратно унапредување на ефикасноста на војникот-пешадинец на фронтот, што ќе обезбеди унапредување на основното вооружување и особено на електронско-комуникацискиот блок на опремата кој ќе биде функционално интегриран во руската униформа на иднината.
Борбено-тактичкиот систем во својот состав има 59 елементи кои му овозможуваат на војникот да престојува во различни климатски услови и ефикасно изведување на борбените дејствија без оглед на надворешната температура. Тие се делат на елементи кои го зголемуваат нивото на балистичката заштита на војникот, потоа елементи на вооружување, елементи кои се задолжени за одржување на комфорни услови за употреба и општа способност на војникот, елементи за набљудување, командување и врска. Овој систем е конфигуриран така што може мошне лесно да се пренамени за различни специјалности во рамките на копнената војска: пешадинец-стрелец, извидувач, возач итн.
Оваа униформа полека влегува во оперативна употреба на руската армија, а Министерството за одбрана на Руската Федерација веќе потпиша договор за нарачка на неколку десетици илјади комплети опрема „Ратник“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче