Руски ловци во текот на маневри првпат префрлени во база на Курилските острови

Руски повеќенаменски ловец Су-35С

Руски повеќенаменски ловец Су-35С

Скриншот
Пилотите на ловечкиот полк на мешаната авијациска единица на Источниот воен округ првпат увежбуваа префрлување на резервен аеродром во база со цел извршување на задачи поврзани со пресретнување на авиони на условен противник.

Два најнови ловци Су-35С прелетаа од постојаната база во Хабаровскиот крај на воениот аеродром Буревесник кој се наоѓа на Курилскиот остров Итуруп, се вели во соопштението на сајтот на Источниот воен округ, пренесува порталот NEWSru.com.

Според информациите кои ги изнесе информативната служба на воениот округ, пилотите поминаа повеќе од 2000 километри. По извршените задачи екипажите се вратија во местото на постојано базирање. Оваа воена вежба е изведена во рамките на усовршувањето на подготовката за летање и увежбување на извршување на задачи  за чување на границите на воздушниот простор на Русија.

Треба да се истакне дека јапонскиот премиер Шинзо Абе планира да ги посети Москва и Санкт Петербург на 26 мај. Една од целите на неговата посета е мировниот договор и разјаснувањето на статусот на јужните острови на Курилскиот архипелаг.

Јапонија и Русија од средината на 20 век со извесни прекини го разгледуваат прашањето за потпишување на мировен договор по Втората светска војна. Главната пречка во тоа е проблемот на припадноста на јужниот дел на Курилските острови. Итуруп, Кунашир, Шикотан и неколку ситни ненаселени острови на Малиот Курилски архипелаг кој во Јапонија се вика Хабомаи по војната му припаднаа на СССР, а Јапонија тоа го оспорува.

На почетокот на февруари на сајтот на руското Министерство за одбрана беше соопштено дека се изведуваат антитерористички маневри на островите на Курилскиот архипелаг. Тогаш во воената вежба учествуваа повеќе од 2000 војници и околу 500 примероци на техника, вклучувајќи хеликоптери Ми-8АМТШ од воените единици на Источниот воен округ базирани во Сахалинската област. Јапонија ѝ упати на Русија протест во врска со овие маневри. „Тоа е во спротивност со ставот на нашата земја во поглед на четирите северни острови  [јужниот дел на Курилскиот архипелаг]“, изјави тогаш шефот на јапонската дипломатија Таро Коно.

Неколку дена подоцна, на 2 февруари, во Јапонија беше критикувана одлуката на Владата на Русија да испрати авијација на Министерството за одбрана на островот Итуруп, чија припадност на Русији Токио ја оспорува, со образложение дека тоа е „во спротивност со ставот на Јапонија за тие острови“.

Јапонија претендира на четирите Курилски острови кои до Втората светска војна ѝ припаѓаа според Договорот за билатерална трговија и граници од 1855 година. Враќањето на островите Токио го постави како услов за склучување на мировен договор со РФ, кој по завршувањето на Втората светска војна не е потпишан. Во текот на борбените дејствија против Јапонија во 1945 година СССР го зазеде цел Сахалин и Курилските острови (вклучувајќи ги и четирите јужни острови). Потоа во 1956 година СССР и Јапонија потпишаа заедничка декларација со која Москва се согласи да ја разгледа можноста за предавање на два острова на Јапонија доколку дојде до потпишување на мировен договор. СССР сметаше дека со тоа ќе го заврши тоа прашање, меѓутоа Јапонија не се откажуваше од претензиите на сите острови. Подоцнежните преговори не дадоа резултат. Ставот на Москва е дека островите влегоа во состав на СССР по Втората светска војна и дека сега рускиот суверенитет на таа територија не може да се доведува во прашање.

Прочитајте повеќе: Како ќе изгледа новата руска база на Курилските острови?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња