„Летечкиот тенк“ Т-80 добива дополнително согорување

TASS
До крајот на 2017 година уште една партија руски тенкови Т-80 ќе биде испратена на модернизација. Планирано е да наредната година да заврши прилагодувањето на советските „тенкови за продор“ на реалиите на современото војување.

Руската армија има околу 3200 тенкови Т-80, се наведува во извештајот на Меѓународниот институт за стратешки истражувања. Од тоа во арсеналот се 200 тенкови, додека останатите се на конзервација. Главниот „корисник“ на овие тенкови е гардиската тенковска Кантемировска дивизија, наведува порталот rg.ru.

Т-80 е продукт на советската стратегија за „голем продор“. Беше замислено армади од брзи, автономни и добро заштитени борбени возила да ја пробиваат линијата на одбрана на НАТО и јурат во правец на Ла Манш. Поради тоа овие тенкови пред сѐ ги добиваа единиците распоредени во Источна Германија.

Сега концепцијата е поинаква – не се планираат масовни судири на оклопна техника. Во современото војување секој тенк треба самиот себе да се одбрани. Поради тоа во модернизацијата најголемо внимание му е посветено на системот за управување со огнот, пишува „РИА Новости“ повикувајќи се на стручњаци од фабриката „Уралвагонзавод“. Стандардниот нишан на тенкот Т-80 ќе биде заменет со нишанот „Сосна“, кој функционира во сите временски услови и се состои од термовизиска камера, ласерски далечинометар и уред за автоматско следење на целта, што овозможува прецизно гаѓање на максимално растојание независно од видливоста. Тенкот ќе има и резервен нишански систем во случај „Сосна“ да откаже или биде оштетена, а усовршениот уред за автоматско полнење на цевката ќе им овозможи на тенкистите да користат современи проектили.

Гаснотурбинскиот мотор со 1100 коњски сили ќе биде значително доработен и како што имаат ловечките авиони, така и тој ќе добие можност за кратковремен премин на дополнително согорување. Овој единствен мотор без проблеми пали на мраз од -40 степен, лесно постигнува брзина на движење од 70 км на час и стабилно работи на секаков вид гориво – од нафта до керозин. Од предната страна тенкот е речиси нечуен. Неговата конструкција е таква што звуците на турбината и останатите шумови се слушаат зад тенкот.

Покрај основната модернизација постои и „подобрен пакет“. Тој подразбира замена на стандардната динамичка заштита „Контакт“ со современиот систем „Реликт“, кој одбива противтенковски ракети и може да го ослаби погодокот на најстрашното противтенковско оружје – проектилот со полнење од осиромашен ураниум.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња