Руската војска го доби првиот модернизиран транспортен авион Ил-76МД-М

Министерство за одбрана на РФ
Првиот сериски транспортен авион „Илјушин“ Ил-76МД-М по модернизацијата е испорачан на Министерството за одбрана на Русија, соопшти потпретседателот на Обединетата корпорација за производство на авиони (ОАК) за сегментот транспортна авијација, генерален директор на претпријатието „Илјушин” Алексеј Рогозин.

Првиот модернизиран авион од овој тип во состав на руската војска во моментов се наоѓа во една од базите на воената транспортна авијација на Воздушно-космичките сили.

„Модернизацијата на воените Ил-76МД до модификацијата Ил-76МД-М е реализирана на барање на Воздушно-космичките сили. Модернизацијата опфаќа вградување на нова радиоелектронска опрема“, изјави Рогозин.

Во модернизираното летало е вграден нов систем за навигација кој одговара на сите потреби за летање по маршрути во и надвор од Русија.

Освен тоа, заменета е светлосната, техничката, десантната и транспортната опрема на авионот, а вградени се и унапредени средства за одбрана и комуникација.

„Вграден е електрооптички набљудувачки систем кој овозможува следење на теренот за десант и функционира како во инфрацрвен, така и во визуелен спектар“, објасни Рогозин.

При модернизацијата делумно се применети системи и делови компатибилни со напредните модели на воениот транспортен авион Ил-76МД-90А и авионот-танкер Ил-78М-90А. Моторите Д-30КП во текот на модернизацијата се унапредени. На тој начин рокот за користење на авионот е продолжен за 15 години.

На почетокот на годината главниот конструктор на претпријатието „Илјушин” Николај Таликов соопшти дека до крајот на јануари Министерството за одбрана на РФ ќе го добие првиот сериски модернизиран воен транспортен авион Ил-76МД-М.

Првиот лет на Ил-76МД-М е изведен кон крајот на февруари 2016 година. Во април истата година компанијата „Илјушин“ го тестираше модернизираниот модел.

Прочитајте повеќе: Транспортниот авион Ил-76МД успешно се проба во улогата на бомбардер

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња