Најтешкиот руски хеликоптер повторно лета и е отпорен на ракети

Наука и технологија
ИГОР РОЗИН
Најтешкиот на светот транспортен хеликоптер Ми-26 се враќа во руската армија во ново руво.

Во 2019 година во руската армија ќе се врати модернизираниот воено-транспортен хеликоптер Ми-26 во верзијата Т2В. Новото летало, „летечката крава“, како што го нарекуваат пилотите поради големината, доби нов окло и современа техника која е испробана во војната во Сирија.

По што е познат Ми-26 

Првпат Ми-26 се вивна во небо далечната 1977 година и стана хеликоптер со најголема носивост на светот. „Кравата“ се прослави со способноста да подигне до 20 тони товар, што е малку повеќе од 80 падобранци, лесна оклопна техника и дури и други хеликоптери.

Ми-26 во 2009 година учествуваше во операцијата за спасување на американски СН-47 „Чинук“ во Авганистан.

„Тоа беа времињата кога соработувавме со силите на НАТО: Талибанците погодија американски хеликоптер, а други слични не можеа да ја подигнат машината од бојното поле. Тогаш бараа помош од нас. Ми-26 го подигна американскиот хеликоптер и го префрли до најблиската база“, раскажа за Russia Beyond професорот на Академијата за воени науки Вадим Козјулин.

40 година подоцна „кравата“ и понатаму е хеликоптер со најголема  носивост на светот. Но, по сириската кампања, Министерството за одбрана на Русија постави задача леталото да се подготви за современи воени услови.

Пред сѐ, хеликоптерот треба да се „олади“, вели експертот.

„Тоа е огромна машина со два мотора со моќност од 23000 коњски сили. Поради загревањето Ми-26 е одлична мета за ракети со оптички глави кои се наведуваат на топлина како што се системите „Игла“ и „Стингер“, вели експертот.

Таа терористите во 2002 година уништија руски Ми-26 во моментот на слетување кај Грозни.

„Хеликоптерот превезуваше офицери и војници. Терористите истрелаа ракета од „Игла“ за време на слетувањето и од 150 луѓе само 20 преживеаја благодарение на чудо. Веројатно само затоа што леталото не беше високо над земја“, вели Козјулин. 

Со што ќе биде опремен Ми-26 Т2В

Извор за Russia Beyond во одбранбено-индустрискиот комплекс вели дека новиот Ми-26 ќе биде опремен како и Ка-52 со системот „Витебск“. 

„Тоа е систем за радиоелектронска заштита кој ги „ослепува“ и натерува ракетите да застранат од курсот. Едноставно кажано, ракетата свртува настрана што ќе се доближи до хеликоптерот“, вели изворот.

„Кравата“ ќе го има и комплексот НПК90-2, систем за автоматско пилотирање во секое време на денот и ноќта, за слетувањето и маневрите кои му претходат на тоа.

Ми-26 Т2В нема да има офанзивно оружје.

„Тоа овде не е потребно. Во случај на тактичка неопходност машината ќе ја следат Ми-28 или Ка-52. Задачата е новиот Ми-26 да не биде толку ранлив и да ги задржи своите претходни карактеристики“, изјави нашиот соговорник.

Прочитајте повеќе: Никој не е како Ми-26