За можностите на авионот раскажа директорот на одделението за информации на корпорацијата „МиГ“ Анастасија Кравченко. Модернизацијата е изводлива поради таканаречената „отворена архитектура“ на авионот МиГ-34, вели таа. Покрај тоа, најновиот авион од генерацијата 4++ може да користи оружје предвидено за тешки авиони-ловци, додава генералниот директор на корпорацијата Илја Тарасенко. Тоа е совршена воена машина за работа во интензивни вооружени конфликти, рече тој.
МиГ-35 е резултат на модернизацијата на борбените апарати МиГ-29К/КУБ и МиГ-29М/М2. Овој тактички ловец е наменет за остварување апсолутна воздушна надмоќ на мали и средни далечини. Покрај примарната ловечка улога, авионот е оспособен и да изведува многу прецизни напади врз копнените и поморските сили на непријателот, па може да се смести и во категоријата ловец-бомбардер.
Со иновативните конструкторски решенија значително е зголемена борбената носивост на убојниот товар, а со интеграцијата на посилни и истовремено поекономични мотори е зголемен неговиот оперативен борбен радиус на 1000 км (на пример, оперативниот борбен радиус на Миг-29А е околу 650 км). На 9 носечки точки може да понесе до 7 тони убоен товар, додека базичните верзии можеа да понесат до 2,2 тони бомби и ракети. Користи современи и перспективни ракети (воздух-воздух, вoздух-земја) со краток и среден дострел, како и наведувани бомби од 250 и 500 кг.