Новата руска вакцина против туберкулоза ќе се појави идната година

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
На развојот на вакцината тим научници посветено работи од 2010 година.

Новата руска вакцина против туберкулоза би можела да биде регистрирана веќе идната година, изјави Артјом Ткачук, шеф на проектот и раководител на лабораторијата за транслациска медицина на Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Н. Ф. Гамалеј“.

„Доколку сѐ се одвива според планот, сите фази на испитувањето ќе ги завршиме 2019 година, кога вакцината би можела да биде регистрирана во „Росздравнадзор и да се појави на пазарот“, изјави тој.

Ткачук нагласи дека во Русија во моментов при вакцинација против туберкулоза се користи BCG (бе-се-же) вакцината која е пронајдена пред сто години.

„BCG се живи бактерии. А нашата вакцина, тоа се компоненти добиени со биотехнолошки методи во контролирани услови, тоа не е жива вакцина. Компликациите до кои доаѓа кај BCG можат да бидат поврзани токму со наведениот факт, дека се работи за жива вакцина“.

Како што нагласи тој, развојот на вакцината почнал 2010 година. Кон крајот на минатата година е завршена првата фаза од нејзиното испитување на 60 лица кои се пријавиле доброволно. За таа цел се издвоени околу 60 милиони рубли.

Ткачук нагласи дека во Русија денес на сто илјади жители се бележат 60 случаи на заболени од туберкулоза. Во споредба со европските земји тоа е неколку пати повеќе, но заболувањето е помало отколку во азиските држави, додаде тој.

Прочитајте повеќе: Сибирски научници создадоа прототип на вакцина против рак