Ан-148 припаѓа на семејството двомоторни млазни авиони наменети за патнички, патничко-товарен и товарен сообраќај на регионални и кратки линии. Руски и украински компании се занимаваа со развој на овој модел од средината на деведесеттите години на минатиот век.
Новиот авион претставуваше постепен и усогласен премин од советските модели за кратки летови кои ги користеа домашните компании.
Меѓутоа, Ан-148 не успеа да им стане сериозна конкуренција на авионите на „Боинг“ и „Ербас“ во странство, па така европските и блискоисточните авиопревозници се откажаа од Ан-148. Руските компании, меѓутоа, купија 35 вакви летала, пред сѐ поради можноста за слетување речиси без ограничување, вклучувајќи ги и аеродромите со земјени и неприлагодени писти.
Авионите Ан-148 во овој момент се користат во домашниот авиосообраќај во Русија, ги користат одделенијата на Министерството за одбрана и на Министерството за вонредни состојби, како и помали компании. Тоа е едноставен авион чиј домет со полн резервоар е 4000 километри, рече за Russia Beyond поранешниот капетан на „Боинг“ 777 Алексеј Гавриленко.
Тој истакна дека Ан-148 добил крила на умерена стрела и Т-конфигурација на опашката и дека се работи за типичен евтин авион за 80 патници, наменет за кратки летови.
Претходни инциденти и судбината на авионот по несреќата
Според зборовите на Алексеј Гавриленко тешко да ќе се откаже производството на овие авиони, затоа што е во прашање нов модел, а причината за несреќата допрва треба да се утврди. Меѓутоа, како што напомена тој, овој авион доживеал пред неколку години несреќа на тестирањето.
uacrussia.ru / Global Look Press
Се работи за несреќа до која дошло кога производителот им демонстрирал на странските купувачи показен лет кон средината на 2011 година, а Ан-148, кога постигнал критична брзина, буквално се распаднал во воздухот, напомена експертот.
Според него, доколку се покаже дека неодамнешната несреќа е причинета од техничка неисправност, сите модели Ан-148 ќе бидат испратени на експертиза, меѓутоа, по извесно време, уверен е тој, повторно ќе полетаат.
Технички карактеристики:
Екипаж: две лица
Капацитет: 80 патници
Должина: 29 метри
Висина: 8 метри
Распон на крилата: 29 метри
Максимална полетна маса: 43700 кг
Брзина на движење: 870 км/ч.