Руски научници на Антарктикот зедоа примероци од најстариот мраз на Земјата

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Научниците вклучени во 63 руска експедиција на Антарктикот зедоа примероци од најстариот мраз на Земјата кој, како што се проценува, е формиран пред повеќе од 1,3 милиони години, соопшти службата за односи со јавноста на Санктпетербуршкиот државен универзитет.

Проучувањето на мразот ќе овозможи, како што се истакнува, да се дефинираат карактеристиките на климата во далечното минато и да се предвидат нејзините евентуални промени во иднина.

Примероците од мразот, земени на руската истражувачка станица Восток на Антарктикот, овие денови ќе бидат префрлени на бродот „Академик Фјодоров“ каде што ќе се чуваат во замрзнувач. Напролет, кога експедицијата ќе се врати во Санкт Петербург, парчињата, чија вкупна тежина е 500 килограми, ќе биде доставена во Лабораторијата за проучување на промените на климата и животната средина на Арктичкиот и Антарктичкиот научноистражувачки институт заради подетално испитување на составот, се вели во соопштението.

Засега за најстар сличен примерок на мраз (околу еден милион години) се смета оној откриен во слоевите на тнр. син мраз на подрачјето на „сувите долини“, недалеку од американската станица Мек Мурдо на Антарктикот.

Прочитајте повеќе: Како ќе влијае топењето на мразот на Русија?