Десет советски автомобили дизајнирани според западни модели

Екатерина Чеснокова/Sputnik
Како американските и европските автомобили влијаеја на автомобилската индустрија на Советскиот Сојуз?

Советската автомобилска индустрија постои од 1924 година кога фабриката АМО почна да ги произведува камионите АМО Ф-15. Дизајнирани се по углед на италијанскиот модел Fiat 15, со тоа што многу нешта беа променети. Производството во Советскиот Сојуз брзо почна да се шири. Во целата земја се направени нови големи фабрики во кои се склопувани автомобили за советски потреби. Одделни модели потсетуваа на западните автомобили.

1. ГАЗ-А (1932) / Ford A

Советскиот Сојуз во 1929 година потпиша договор со компанијата Ford Motor Company за склопување на автомобили по лиценца на „Форд“. Првите модели го добија називот ГАЗ-А и се произведени во фабриката за автомобили „Горки“ (денес Нижни Новгород). ГАЗ-А е дизајниран според „Фордовиот“ модел А, кој престана да се произведува 1931 година. Моторот во советскиот автомобил е преработен. Произведени се вкупно околу 41000 модели ГАЗ-А. Овој автомобил во 1936 година е заменет со новиот модел ГАЗ М-1.

2. ГАЗ М-1 (1936) / Ford Model B

Овој модел е дизајниран според Ford B од 1934 година. Како и претходното возило, произведен е по лиценца од 1929 година, но е значително изменет. Советските инженери преправија речиси сѐ, од суспензијата до линијата. Произведуван е од 1936 до 1942 година и беше еден од најпопуларните автомобили во предвоениот Советски Сојуз. Направени се вкупно 62000 вакви автомобили во неколку модификации.

3. КИМ-10 (1940) / Ford Prefect

КИМ-10 беше првиот советски малолитражен автомобил. Како инспирација послужи британскиот Ford Prefect. Советскиот автомобил доби модерен дизајн на хаубата, ветробранското стакло и багажникот. Меѓутоа, Втората светска војна го попречи неговиот развој, така што овој автомобил официјално никогаш не беше во продажба. Само 64 примероци се поделени како награди на лотарија.

4. ЗИС-110 (1945) / Packard 180

Првата советска лимузина ЗИС-110 (1936) е направена според американскиот Buick, а во септември 1942 година Сталин нареди да се конструира новата луксузна лимузина ЗИС-110, овој пат според  Packard 180. Овој луксузен автомобил е правен до 1958 година. Произведени се вкупно 2000 автомобили за советските функционери. Што се однесува до моделот Packard 180, неговото производство е запрено по Втората светска војна.

5. Москвич-400 (1946) / Opel Kadett K38

Првиот Москвич-400 е направен на 4 декември 1946 година во московската фабрика за малолитражни автомобили АЗЛК. Автомобилот е предвиден за 4 лица. Развиваше максимална брзина од 80 км/час и многу личеше на германскиот Opel Kadett K38.

Сталин инсистираше на производство на вакви автомобили затоа што беше голем поклоник на „Опел“, откако го видел на изложба во Кремљ 1940 година. Поради Втората светска војна проектот е одложен, но во 1947 година московската фабрика почна со негово производство. Истото е запрено 1954 година кога на смена му дојде Москвич-401 со посилен мотор. Вкупно во фабриката се произведени 216000 седани и 17000 кабриолети. Новиот Москвич-402 се појави 1956 година.

6. Москвич-408 (1964) / Opel Kadett A

Третата генерација „Москвич“ е направена според германскиот автомобил Opel Kadett A од 1962 година кој внатре има повеќе простор од претходниот модел. Фабриката АЗЛК 1967 година почна да го составува новиот Москвич-412 кој имаше посилен мор и развиваше поголема брзина.

Москвич-412 беше популарен модел за извоз. Склопуван е во Бугарија под називот Rila, а во Белгија беше познат како Scaldia. Советскиот модел е правен до 1976 година во Моксва и дури до 1998 година во Ижевската фабрика.

7. ГАЗ-24 „Волга“ (1966) / Ford Falcon

Дизајнот на „Волга“ е близок на американските модели Ford Falcon (1962) и Plymouth Valiant (1962). Автомобилот го произведуваше фабриката „Горки“ до 1985 година. Најмногу е користен за такси-превоз и превоз на службеници. Модификацијата ГАЗ-24 под називот „Scaldia“ беше популарна меѓу таксистите во Белгија и Франција. Вкупно во фабриката „Горки“ се произведен 1,4 милиони вакви возила.

8. ЗАЗ-966 (1966) / NSU Prinz IV

Овој нов малолитражен советски автомобил однадвор беше сличен на германскиот модел NSU Prinz IV од 1961 година, а германскиот автомобил делумно го презеде дизајнот на американскиот Chevrolet Corvair од 1959 година. Автомобилот имаше две врати и е правен до 1972 година во фабриката за автомобили „Комунар” (денешна Украина).

9. ВАЗ-2101 (1970) / Fiat 124

Италијанскиот Fiat и советското Министерство за надворешна трговија потпишаа во 1966 година договор за соработка. Во рамките на тој договор СССР почна да го произведува караванот ВАЗ-2102 и седанот ВАЗ-2101 врз основа на моделот Fiat 124 кој 1967 година е прогласен за „европски автомобил на годината“. ВАЗ-2101, меѓутоа, во значителна мера е „русифициран“ – претрпе преку 800 измени во однос на прототипот.

ВАЗ-2101 или „Копејка“ беше омилен меѓу граѓаните на СССР. Тоа беше првиот автомобил со ознака ВАЗ и имаше мноштво варијации. Фабриката „Автоваз“ во Толјати до 1988 година направи 4,85 милиони такви автомобили, така што руските медиуми во 2000 година го прогласија ВАЗ-2101 за „најдобар руски автомобил на 20  век“.

10. Москвич-2141 (1986) / Simca Chrysler 1308

Во текот на 1980-те во СССР е направен потполно нов „Москвич“ со предна влеча според дизајнот на француско-американскиот модел Simca Chrysler 1308. Советскиот автомобил доби модерна линија и назив „Алеко“ за извоз. Московската фабрика направи 716000 такви автомобили во различни варијации. Последниот модел е склопен во 2002 година под називот „Свјатогор“.

Прочитајте повеќе: Погребани заедно со СССР: Напуштени проекти на советски автомобили

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња