Тоа е во суштина голем блиндиран откриен пикап на чија каросерија се наоѓа митралез или топ со помал калибар. Тоа е ефикасно решение за следење на конвои, патролирање на теренот и ненадејни напади со нагло повлекување, со оглед дека „борбениот пикап“ има голема огнена моќ и се движи побрзо од стандардните борбени возила, пренесува порталот rg.ru.
Своја верзија на вакво борбено возило направ „Подолската електромеханичка фабрика за специјална машиноградба“ и го покажа на Меѓународниот военотехнички форум „Армија 2017“. Тоа е пикапот „Самум“ со лесен оклоп, вооружен со противвоздушен ракетно-топовски лансер ЗУ-23/30M. Ова оружје може да уништува копнени цели оддалечени 2,5 км и воздушни цели на височина од 1,5 км.
Противвоздушниот топ на блиндираното возило има неколку режими на оган: автоматски, полуавтоматски и рачен. На тој начин е отстранет недостатокот кој инаку го имаат таквите рачно изработени возила, каде нишанџијата е изложени на голема опасност. Возилото има суспензија која може да се фиксира и на тој начин да го нивелира лулањето за време на стрелбата.
”Самум” е долг 5 метри и широк и висок 2,75 метри. Со целосна воена опрема тежи 6,5 тони, а паралелно со тоа може да носи уште и половина тон товар. Моторот има 200 коњски сили, што на ова теренско возило му овозможува да развие брзина од 160 км/ч на асфалтен пат. „Самум“ има два резервоари со кои може да помине 1000 километри.
Експертите во целина позитивно го оценуваат овој проект. Според нив, конструкторите креативно го осмислиле богатото воено искуство, но понатамошниот развој на овој проект во голема мера зависи од тоа како возилото ќе се покаже на тестирањето.
За другите видови руски воени пикап возила, прочитајте во нашата статија Специјалците на руските десантни сили се префрлија на ракетни пикап возила.