К-7
Џиновскиот авион К-7 е конструиран во текот на 1930-те. Тогаш тоа бил најголемиот авион во Советскиот Сојуз. Распонот на крилата му бил 53 метри. Имал 7 мотори АМ-34. Во советското воено воздухопловство би служел како бомбардер, а можел да биде користен и како патнички авион.
Било замислено авионот да има 12 членови на екипажот.
Меѓутоа, првиот прототип се срушил 1933 година, а преостанатите два никогаш не се довршени.
Проект „Ѕвоно“
Проектот „Ѕвоно“ е развиван во Советскиот Сојуз од 1930-те до почетокот на Големата татковинска војна 1941 година. Идејата се состоела во тоа авионот-бомбардер да се искористи како носач на еден или повеќе (најмногу пет) ловечки авиони, што би овозможувало значителна заштеда на гориво.
По полетувањето ловците би се закачиле за овој бомбардер со помош на специјални држачи. Бомбардерот би ги однел во подрачје кое е надвор од вообичаениот радиус на авионите-ловци. Таму тие би се откачиле и би ја извршиле својата борбена задача, а потоа би се вратиле на кој било советски или сојузнички аеродром.
Овој бомбардер исто така можел да полета со неколку ловци И-16 „Поликарпов“ од кои секој би можел да носи по две бомби тешки по 250 кг. Со таков товар И-16 не би можел самостојно да полета.
И покрај неколкуте успешни операции на почетокот на Втората светска војна, проектот „Ѕвоно“ понатаму не се развивал. Бомбардерот ТБ-3, кој е користен како носач на ловци, е повлечен од сериско производство затоа што застарел, а И-16 е заменет со понапредните советски авиони-ловци.
Сухој Т-4
Овој брз извидувачки и стратешки бомбардер е конструиран во Експериментално-конструкторското биро „Сухој“ кон крајот на 1960-те како советски одговор на американскиот стратешки бомбардер XB-70 Valkyrie.
„Руската Валкирија“ била наменета за напад врз група носачи на авиони со по две хиперсонични противбродски крстосувачки ракети Х-45 (но тој проект не е завршен).
Овој авион имал исклучителни карактеристики – направен е од титаниум и нерѓосувачки челик и имал четиристепен систем на управување.
Па сепак, проектот е запрен затоа што бил премногу скап (1,3 милијарди рубли). Советската воена индустрија тргнала во насока на развој на моделот Ту-160.
Ми-30
Најпознатиот авион со вертикално полетување денес е американскиот Bell Boeing V-22 Osprey, направен во текот на 1980-те. Малку е познато дека Советскиот Сојуз од почетокот на 1970-те се обидувал да направи сопствен авион со вертикално полетување.
Првиот прототип на таквиот авион со ознака Ми-30 требало да се појави 1986 година, но овој проект е запрен поради перестројката.
Се зборува дека биле направени четири модели. Додека летале до местото каде што била планирана нивната презентација три изгубиле контрола и се срушиле. Не е познато дали тоа се случило поради грешка на пилотите или поради грешки во конструкцијата.
Су-47
Овој палубен ловец е проектиран со обратна стрела на крилата и труп од композитни материјали. Конструирањето на овој авион го нарачала советската воена морнарица за сопствени потреби, но со распадот на Советскиот Сојуз овој проект е запрен, но не и целосно изгаснат. Имено, презентиран е на јавноста 1999 година и денес постои како „летечка лабораторија“ на Експериментлно-конструкторското биро „Сухој“.
Моделот Су-47 во голем мера стана основа за најновиот руски ловец од петта генерација Су-57.