Лансирање на ракета „Топол-М” прикажано во панорамско видео

Наука и технологија
ИГОР ГРЕКОВ
Лансирање на интерконтинентална балистичка ракета „Топол-М” прикажано е на панорамска снимка која на гледачот му овозможува настаните на екранот да ги следи од различни агли. Овие уникатни кадри ги објави ТВ-каналот „Ѕвезда“.

Снимката е направена за време на командните вежби на стратешките нуклеарни сили на Русија на космодромот Плесецк. Забележани се последните секунди пред лансирањето на ракетата и нејзиниот старт. Дополнително е претставен интерактивен графикон кој ги опишува  карактеристиките на балистичката ракета „Топол-М”.

Во маневрите одржани на 26 октомври учествуваа стратешки бомбардери Ту-160, Ту-95МС и Ту-22М3, нуклеарни подморници на Тихоокеанската и Северната флота, како и борбените единици на Ракетните сили за стратешка намена од космодромот Плесецк. Сите лансирања се одржани во ноќно време, што ја прави снимката уште поефектна.

 Боевите глави на лансираните ракети успешно ги погодија целите на воените полигони во Архангелската област, на Камчатка, во Република Коми и Казахстан.

„Врз основа на резултатите од вежбите задачите се исполнети во целост. Сите цели се погодени“, соопшти Министерството за одбрана на Русија.

Интерконтиненталната балистичка ракета РС-12М (Топол-М) е проектирана од Московскиот институт за термотехника. Максималниот дострел на ракетата е 10500 километри. Стартната маса е 45 тони. Ракетниот систем „Топол” заедно со неговата модернизирана варијанта ја чини основата на руските Ракетни сили за стратешка намена. За него е карактеристична високата отпорност, со оглед на добрите маневарски способности, прикриеноста на дејствувањето и краткото време за подготовката за лансирање.