Фрегатата „Ла Фает“ (La Fayette) во понеделникот вплови во Црното море. Таа е изградена според стелт технологија и е вооружена со противбродски ракети.
Како што изјави соговорникот на агенцијата, брод од оваа класа може да биде детектиран од руските радари на растојание од неколку стотини километри.
„Прочуената стелт технологија се посрамоти при средбата со руската радио-електронска индустрија. Фрегатата „Ла Фает“ уште при преминувањето низ Босфорот се појави на мониторите на радио-техничките служби на Црноморската флота”, истакна изворот од воените сили на Крим.
Според него, радарите го следат движењето на „Ла Фает“, а фрегатата ја надгледува и еден руски патролен брод.
Француската фрегата се движи кон источниот дел на Црното море, веројатно, до брегот на Грузија. „Во црноморскиот басен „Ла Фает“ не може да се сокрие од нас. Ќе ја следиме сѐ до пристаништето“, додава соговорникот на агенцијата.
Фрегатата е наменета за дејство во кризни региони, носи неколку ракети и хеликоптер „Пантер“. Класата „Ла Фает“ ја сочинуваат пет бродови, од кои првиот е спуштен во вода 1992 година.
Ова не е прво влегување на францускиот воен брод во Црното море. Фрегатата од класата „Ла Фает“ во Црното море последен пат беше во март оваа година. Тогаш го посети романското пристаниште Констанца и учествуваше во маневри со романската воена морнарица.