Нуклеарна ракетна подморница 955 "Бореј"
Слободан ЃукиќОва за новинската агенција РИА Новости го изјави претставникот на службата за односи со јавноста на Министерството за одбрана на Руската Федерација Игор Дигало и додаде дека „на 17 ноември оваа година во кругот на компанијата АО „ПО JurСевмаш“ се одржува церемонија на спуштање во вода на ударната ракетна подморница за стратешки намени 955А „Бореј-А“ под името „Кнез Владимир“.
Откако се спушти во водата, оваа подморница ќе мора да мине сериозна програма на исклучително комплексни тестирања кои ќе ги надгледува специјален тим од развојни инженери и механичари од компанијата „Севмаш“ и избран екипаж под команда на капетанот Владимир Дружина, а кој ќе управува со ова навистина „застрашувачко“ пловило.
Првата подморница со ознака „Бореј-А“ е проектирана од инженерите на компанијата ЦКБ МТ „Рубин“. Работата беше започната уште во 2012 година во познатото бродоградилиште „Севмаш“. Покрај „Кнез Владимир“ во ова бродоградилиште се прават уште четири подморници од класата 955А „Бореј-А“, и тоа „Кнез Олег“, „Генерал Суворов“, „Император Александар Трети“ и „Кнез Пожарски“. Сите овие подморници до 2020 година ќе бидат во оперативна употреба.
Инаку, 955А „Бореј“ претставува модификација на основната варијанта на атомската подморница 955 „Бореј“* од кој се разликува во поглед на значителното намалување на нивото на подводни вибрации за време на пловидбата, пософистициран систем за врски, унапреден комплекс за откривање и за следење на непријателските цели, како и системот на вооружување.
Станува збор за подморници од четвртата генерација кои се вооружени со 3-степенски интерконтинентални балистички ракети „Булава“. Секоја подморница од оваа класа може во својот борбен магацин да носи 16 вакви ракети кои можат проектираниот максимален дострел од 11.000 километри да го достигнат за помалку од 15 минути. Она што особено влева страв е деструктивната моќ на подморничкиот ударен арсенал кој може да претвори во прав и во пепел практично цел континент. Имено, секоја од овие ракети носи 10 независно насочени боеви глави со сила и до 150 килотони. Значи, во хипотетички нуклеарен судир, само една атомска подморница „Бореј-А“ плотунски може да покрие 160 различни места, кои поединечно би биле погодени со нуклеарна боева глава која е 8 до 10 пати посилна од оние кои се фрлени на јапонските градови Хирошима и Нагасаки. Тогаш овие два града беа срамнети со земјата, загинаа околу 250.000 луѓе, а Јапонија набргу потоа го потпиша Актот за капитулација.
Освен ракетите за нуклеарна одмазда, овие подморници во својот арсенал имаат класични и ракетни торпеда, како и крстосувачки ракети „Калибр“ и „Оникс“. Тие можат да се употребуваат во борба против непријателските пловила, но и за време на удар по копнени цели (ракетата „Калибр“).
Освен респектабилното ракетно-торпедно вооружување, овие подморници ги краси и уште една исклучително важна карактеристика. Станува збор за тоа дека тие се практично нечујни за време на своето борбено патролирање во светските мориња. Ова е решено со исфрлање на бучниот пропелер, и со вградување на воден хидроџет-погон, кој со помош на млазници обезбедува стабилно движење на подморницата под површината на морето. Постојаната сила на овој погон ја обезбедува нуклеарниот реактор ОК-650 со сила од 200 мегавати. Дополнителното намалување на бучавата е реализирано и со конструкциски иновации за време на изработката на корпусот на подморницата, каде е применета технологија на таканаречена двокаскадна амортизација каде секој отсек на подморницата е дополнително изолиран од нејзиниот корпус. Целиот корпус на подморницата е покриен со специјална еластична подлога, слична на пластична гумена маса, која оневозможува нејзино откривање со помош на хидроакустички уреди.
До 2020 година Руската воена морнарица во својот состав ќе има вкупно осум ударни ракетни подморници за стратешка намена од класата 955 „Бореј“ и 955А „Бореј-А“. По четири подморници во Северната и во Тихоокеанската флота. Овие подморници ќе бидат опремени со вкупно 108 интерконтинентални балистички ракети „Булава“. Во случај на пресудна одбрана, стратешките нуклеарни сили на руската армија само со овие подморници ќе бидат во состојба за мошне кус временски интервал во целост да уништат, односно да збришат од лицето на земјата, повеќе од илјада непријателски цели како што се стратешки јазли, центри за управување и планирање, центри за врска, исклучително важни воени и стопански објекти, инфраструктура итн.
* во оперативна употреба се наоѓаат три подморници од класата 955 „Бореј“: „Јуриј Долгоруки“, „Александар Невски“ и „Владимир Мономах“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче