„Брзината е веќе мошне голема – далеку поголема од онаа која ја развиваат поранешните и сегашните торпеда. Сосем е доволна, но ќе биде уште малку поголема“, изјави Алиев, пренесува порталот rg.ru.
Модернизацијата на торпедото „Шквал“ е опфатена со државната програма за вооружување за 2018-2025 година, соопшти претходно Борис Обносов, шеф на корпорацијата „Тактичко ракетно вооружување“.
Системот „Шквал“ е воведен во експлоатација 1977 година. Ракетата развива стабилна брзина од 375 км/час благодарение на кавитацијата, т.е. на намаленото триење во вода бидејќи главата на торпедото при големи брзини создава меурчиња од водена пареа околу целата своја површина. На тој начин торпедото не „плива“, туку „лета“, затоа што е обвиено со меур од гас, а за погон користи подводен ракетен мотор на цврсто хидрореактивно гориво. Примената на кавитацијата значително ги намалува можностите за маневрирање, а место глава за самонаведување во носот на ракетата се наоѓа отвор низ кој влегува морската вода (само тој дел на ракетата е во допир со водата), неопходна за работата на моторот. Првично „Шквал“ носеше термонуклеарна боева глава со сила од 150 килотони, а потоа се појави ненуклеарна варијанта со 210 кг експлозив.
Предностите на оваа супербрза подводна ракета се очигледни: проектил кој се движи со толкава брзина ќе стигне до секој брод пред тој да успее да примени средства за самоодбрана. Недостатоците на „Шквал“ се малиот дострел (најмногу 13 км), што заедно со големата бучава на торпедото ја открива подморницата од која се лансира. Покрај тоа, најголемата длабочина на која ова торпедо функционира е 30 метри, така што не може да уништува цели на поголеми длабочини.
„Постои само еден проблем: „Шквал“ не може да се спушта на голема длабочина. Сега неговата максимална длабочина е 20-25 метри. Ние треба да го спуштиме на поголема длабочина – на 100 и повеќе метри“, рече академик Алиев зборувајќи за задачите на модернизацијата.
Патем, паралелно со усовршувањето на напредните советски проекти, воената наука работи и на создавање на минијатурни торпеда со вештачка интелигенција, кои не се движат со голема брзина, но се потполно незабележливи.
„Сликовито кажано, треба да се постигне да изгледа како на бродот да не му се приближува торпедо, туку голема риба. Вештачката интелигенција во овој случај е системот за управување, кој треба да имитира движење на обична риба за никој да не обрне внимание на неа“, изјави Алиев.