„Алигатор“ е направен врз основа на неговиот претходник Ка-50 „Црна ајкула“. Неговата тактичка намена може да се окарактеризира како хеликоптер-јуришник. Основната намена е борба против сите видови на оклопна и друга борбена техника на непријателот, неговата жива сила, како и воздушни цели. Неговата основна предност е тоа што може да работи многу ефикасно во сите метеоролошки услови, ден/ноќ.
Основното вооружување на „Алигатор“ е автоматскиот топ 2A42 калибар 30 мм со борбен комплет од 460 гранати, како и наведувани ракети „воздух-земја“ „Атака“ и „Вихр-1“. Така, на пример, ракетата „Атака“, која ласерски се наведува на целта, може без поголеми напори да пробие преку 900 мм повеќеслоен оклоп заштитен со реактивни плочи и да уништи тенк на растојание од околу 3 км. Серија такви ракети може да уништи и до четири различни тенкови во рок од 30 секунди. Покрај овие ракети „Алигаторите“ можат да бидат опремени со ракети „Игла-В“ за борба против цели во воздух. Тука може да се додадат и дополнителните лансери со ненаведувани ракетни зрна С-8 (калибар 80 мм) или С-13 (калибар 122 мм). Вкупно овој хеликоптер може да понесе до 2800 кг убоен товар.
Една од главните конструкциски компоненти според која овој хеликоптер е препознатлив претставуваат коаксијалните ротори кои му даваат навистина високи карактеристики на летањето. Хеликоптерот е во можност да се направи голем број на маневри, вклучувајќи го и познатиот „мртов јазол“.
Хеликоптерот има двајца членови на екипажот. Неговиот корпус е практично целосно оклопен, особено околу кабината каде што се наоѓаат пилотите. Во случај на несреќа, седиштата може да се катапултираат. При катапултирањето доаѓа до одвојување на лопатките на елисата од моторот со цел безбедност за пилотот. Инаку лопатките на елисата се направени од специјални материјали кои можат да издржат погодок од тежок митралез, како што е, на пример, „Браунинг“.
„Алигатор“ е опремен со електрооптички систем „Самшит-Е“ кој се состои од термовизиска камера, ласерски мерач на далечина и пеленгатор на ласерскиот зрак. Со помош на овој систем пилотите во хеликоптерот го откриваат непријателот и го насочуваат огнот спрема него. Покрај електрооптичката компонента, „Алигатор“ е опремен и со радар „Арбалет-52“. Овој радар е во можност да детектира тенк на растојание до 12 километри или воздушна цел со големината на Су-25СМ на растојание до 15 километри. Интересно е дека овој радар регистрира и мали аеродинамични цели како што се ракети „земја-воздух“ (ракети „Стингер“, „Игла“ и сл.)
Покрај јуришните задачи, Ка-52 може да се користи и како командно место во рамките на воената авијација, што може да ја зголеми ефикасноста при извршувањето на заеднички дејствија.
Во прилог на основната верзија, руските дизајнери развија и поморска варијанта на овој хеликоптер, Ка-52К „Катран“. Оваа варијанта има голем број на подобрувања на конструкциски план, а извршени се и забележливи подобрувања на радарскиот и електрооптичкиот систем, како и нивната меѓусебна поврзаност, и калибрација.
Во моментов, во руската армија има околу 100 „Алигатори“.