Седанот Lada Vesta беше револуционерен модел за „АвтоВАЗ“, меѓутоа новото возило најави и нови вредности. Се работи за караван кој добро се снаоѓа на нерамен терен, а притоа е удобен и елегантен.
Новиот дизајнер на „АвтоВАЗ“, Британецот Стив Метин креираше нов изглед на автомобилот кој го издвојува дури и од седанот. Задниот дел на возилото изгледа хармонично, на бочните страни се задрани испакнувањата во формата икс карактеристични за моделот Lada Vesta. Ако го прашате самиот дизајнер дали е тоа седан или хечбек, тој ќе одговори: „нешто помеѓу“.
На пазарот се истовремено пуштени две возила: караванот Vesta SW и неговата модификација Vesta SW Cross. Кросовер возилото има поголем клиренс (растојанието меѓу подлогата и најнискиот дел на каросеријата), дополнителни заштитни елементи и, воопшто, изгледа попривлечно.
Багажникот на автомобилот е организиран како кај најдобрите претставници на оваа класа. Како и кај седанот, тој изнесува 480 литри, но просторот е многу практично уреден: тука се наоѓаат разни куки и ниши за работи, комплет мрежи за прицврстување и двојно дно, под кое е кутијата за распоредување на нештата која го покрива делот за резервната гума, а во неа има уште една кутија. Да додадеме дека овие делови на багажникот можат да ги заменат местата, како и кутиите.
SW Cross има медиски систем со задна камера и навигација, но и уште еден новитет: кутија под наслонот за раце која наскоро е се појави и кај седанот. Тука е и грејачот на задните седишта, а на наслонот за раце има влез за полнење на мобилен телефон. Што се однесува до внатрешниот простор, SW Cross е покомотен од седанот поради повисокиот покрив.
Не би можело да се каже дека моторот од 1800 кубици со 122 коњски сили е некое посебно достигнување. Меѓутоа, ако го споредиме со моторот од 106 КС и 1600 кубици во основниот модел, можеме да кажеме дека погонот е постабилен и дека во градски услови моторот се однесува мошне сигурно. Најдобро се покажа при возењето на средни и високи вртежи, а кога навремено се префрли во пониска брзина, може да одржува активно темпо на возење. Освен тоа, тука се и францускиот менувач и квалитетното квачило, така што во процесот на палењето и промената на брзината нема грешка.
На пат SW Cross се однесува мошне стабилно, и покрај големата висина и тркалата од 17 инчи. Тоа му дава на возилото европски карактер: и покрај до некаде нервозната реакција на нерамнините, тоа останува флексибилно и на кривините се однесува добро. SW Cross има целосно поинаков волан: додека стандардниот караван Vesta SW е нечувствителен на помали отстапувања од праволиниско возење, кај кросовер модификцијата сѐ е значително попрецизно, така што возењето на овој автомобил е поудобно.
Благодарение на нечујниот мотор и тивкиот менувач автомобилот има добра звучна изолација, така што дури и во случај на силен ветер при големи брзини чувството во внатрешноста на возилото е удобно.
SW Cross има одличен спој на карактеристики. Тоа е европски автомобил кој се снаоѓа добро на руските патишта, а не е прескап. Цената на новото возило со стандардна опрема изнесува 755,9 илјади рубли (11,2 илјади евра).