„Горди сме што го почнавме проектот за ваков тип на возило, првпат по 30 години. Уште од седумдесеттите години на минатиот век не се произведуваа овие средства“, истакна генералниот директор на АД „Завод за универзални транспортни средства“ (Завод универсальных транспортных средств) Алексеј Аникин. Инаку оваа компанија ги произведува и останатите најчесто класични типови на високопроодни возила кои имаат своја широка примена.
Последното возило кое е направено со овој погон ја носи ознаката ЗИЛ-29061, а неговата основна намена беше примена во спасувачки мисии на изразено непрооден терен. Го произведуваше компанијата ЗИЛ во периодот меѓу 1979-1983 година.
Посебна специјалност му беше достапноста до вселенските модули и евакуација на космонаутите при нивното слетување на Земјата.
Ова возило беше способно да го совлада најтешкиот можен терен составен од густа кал и притоа да постигнува брзина од 12 км/ч. Потрошувачката му достигнуваше околу 36 литри гориво на час возење. Инаку ова возило се наоѓа во состав на Федералната воздушно-космичка служба за спасување. Се претпоставува дека се направени десетина единици во рамките на проектот „Модра Птица“ (Синяя Птица) кој го составуваа возила специјализирани за движење по екстремно тежок терен.
Според зборовите на производителот, неговиот наследник ЗВМ-2901 има голема перспектива како во воениот, така и во цивилниот сектор, пред сѐ во рударската и нафтената индустрија. Неговата примена посебно е индицирина во зафрлените предели на крајниот север на Русија, во Сибир, каде земјиштето е исклучително непроодно. Токму тие предели изобилуваат со големи резерви на нафта и гас и ваквиот тип на возило би можел да стане клучното моторизирано средство во негостољубивите области каде никаде нема зачекорено човечка нога.
Возилото е наменето за експлоатација по исклучително тешко земјиште кое изобилува со мочуриштен терен, каде има големо количество на кал и глиб. Употребливо е и во арктичките предели со вечен снег и лед. Благодарение на големата сила и проодноста, може да му се закачат различни приклучни додатоци (хидраулична лажица каква што поседуваат багерите, различни типови на плугови-булдожери, дигалки). ЗВМ-2901 е многу корисен при работи за рекултивирање на земјиштето, градежништвото, за спасувачки мисии, како транспортно-влечно средство итн. Исто така, може да послужи како платформа за различни видови вооружување во рамките на Арктичките сили.
Опремено е со дизел мотор со моќност од 135 КС. Може да превезува и до 12 луѓе.