Апаратот е опремен со осум пропелери кои се сместени на ободот на леталото, а работат на акумулатор. Со помош на елисите автомобилот може да подигне во воздух едно возрасно лице. Правецот на движење се регулира со помош на џојстик кој се наоѓа пред седиштето на возачот.
Како што наведуваат медиумите, на пробниот лет на апаратот присуствувал првиот човек на „Ростех“ Сергеј Чемезов.
Од концернот „Калашников“ порачуваат дека планираат практична демонстрација на „летечкиот автомобил“ во најблиска иднина.
„Конструкцијата засега е во фаза на тестирање. Наскоро ќе приредиме практична демонстрација на апаратот“, изјави директорката за комуникации Софија Иванова.
Судејќи според надворешниот изглед на леталото, може да се претпостави дека неговата основна намена е превоз на луѓе, пишуваат медиумите. Покрај тоа, машина со слична конструкција може да се користи и во големите индустриски претпријатија за превоз на товар со помали димензии.
Раководителот на Одделот за наука, индустриска политика и претприемништво на Москва Алексеј Фурсин летово соопшти дека една московска компанија работи на проектирање на воздушно такси и летечки мотоцикл.