Црно злато: Како се роди руската нафтена индустрија

Наука и технологија
БОРИС ЕГОРОВ
Светската модерна нафтена индустрија е родена во Руската империја и набрзо стана столбот кој ја држи руската економија до ден-денешен.

Луѓето отсекогаш ја користеле нафтата. Во старо време таа претежно служела во градежништвото и медицина. А што се однесува до современата нафтена индустрија, таа е родена во Руската империја: првата бушотина во светот е направена на Апшеронскиот полуостров во близина на Баку (Азербејџан) во 1846 година. 

Околината на Баку ги привлекуваше нафтените компании од целиот свет. Овде ривали беа Ротшилдите и браќата Нобел. Винстон Черчил еднаш има изјавено: „Ако е нафтата кралица, нејзиниот престол е во Баку“.

На почетокот на ХХ век Руската империја беше еден од главните производители на нафта и заземаше 30%  од пазарот. Револуцијата во 1917 година, граѓанската војна и национализацијата на нафтените компании беа тежок удар за индустријата. Сепак, странскиот капитал не ја напушти земјата. Ротшилдите и браќата Нобел беа заменети од Standard Oil of New York и Vacuum (подоцна познат како Mobil). 

Ситуацијата се нормализираше во 1923. година и СССР почна да извезува нафта како и во времето на царот. Кавкаскиот и каспискиот регион и понатаму беа најбогатите со нафта, па поради тоа и стратешки важни подрачја за германската воена операција „Барбароса“. 

По Втората светска војна се откриени нови нафтени наоѓалишта. Во 1950-те години наоѓалиштата во Поволжје и на Урал даваа околу 45% од произведената нафта во СССР. Експлоатацијата на нафта во Западен Сибир почна 1960-те години, а тоа доведе и до масовна миграција на населението во ова слабо населено подрачје.

Зголемениот извоз на советска нафта доведе до пад на цените и е една од причините за појава на ОПЕК во 1960 година.

80-те години нафтената индустрија во СССР почнува да стагнира. Нафтените полиња кои се експлоатираа речиси пресушија, а нови наоѓалишта не се бараа поради недостиг на средства.

Вистинската криза почна по распадот на Советскиот Сојуз. Побарувањето на нафта на домашниот пазар драстично опадна, производството и извозот се намалени. Со укинувањето на државниот монопол и приватизацијата на индустријата се појавија неколку нафтени гиганти кои зедоа сѐ во свои раце и го контролираа процесот од дупчење до извоз (Роснефт, Лукоил, Јукос и други). Дури во 1997 година можеше да се каже дека кризата е пребродена. Обемите на производство беа задоволителни.

Денес Русија е еден од најголемите светски производители на нафта. И покрај големиот пад на цените, нафтената индустрија останува темел на современата руска економија. Властите се обидуваат да ја променат ситуацијата. Како што изјави премиерот на РФ Дмитриј Медведев, главната задача е да се создаде ефикасна високотехнолошка економија која би овозможила земјата да биде помалку зависна од нафтата.