Русија ќе треба да бара нова нафта

Ројтерс
Навистина ли традиционалните руски нафтени полиња се речиси исцрпени? И колку црно злато е останато?

Последното од најголемите руски копнени наоѓалишта на нафта – Ергинското во Ханти-Мансијскиот автономен округ – се става на продажба. Победникот ќе се дознае до 7 јуни. Почетната цена за наоѓалиштето е 7 милијарди рубли (123 милиони американски долари).

Се оценува дека резервите на нафта во ова наоѓалиште изнесуваат 64,971 милиони тони, а перспективните – 307,195 милиони тони. За толку големо парче има доста кандидати. Меѓу нив се и „Роснефт“ и „Гаспром нефт“, и „Независната нафтено-гасна компанија“, и „Сургутнефтгас“, и „НОВАТЕК“. Еден од условите на тендерската процедура е преработката на целото количество нафта од наоѓалиштето да се одвива во руски нафтопреработувачки претпријатија.

Кога ќе снема нафтата во Русија?

Ова е последното крупно традиционално наоѓалиште на нафта што Русија го имаше како резерва. Што ќе се случи во иднина?

Неодамна директорот на „Сбербанк“ Герман Греф изјави дека суровините ќе стасаат само до 2028-2032 година, односно само за 10-20 години. Некои експерти не се согласуваат со тоа.

Во март министерот за енергетика Александар Новак изјави дека Русија поседува истражени резерви на нафта и гас за повеќе од 50 години (трошоците за производството се само 10-15 американски долари за барел) и во прилог на тоа има огромен потенцијал од јаглеводороди, кој се наоѓа на арктичкиот гребен.

„Со чудење читам секакви големи материјали за тоа дека нафтата во Русија наскоро ќе заврши и дека сè е загубено“, вели во интервју за ТАСС министерот за природни ресурси и екологија Сергеј Донској. „Треба да биде јасно: оценуваните традиционални резерви на горива ќе ни стигнат минимум за уште 30 години. И тоа доколку во геологијата не се вложува и не се применуваат нови технологии. А, ние годишно вложуваме, затоа по 30 години ќе имаме за уште толку“.

Всушност во западен Сибир дел од наоѓалишта се блиску до исцрпување. Но, во Русија има голем број големи, според меѓународните стандарди, наоѓалишта со резерви од милијарди барели. Само засега оваа нафта не е вклученa во билансот. На пример резервите на нафта во шелфот на Западносибирскиот басен се проценуваат на 3.6 милијарди барели, а оние од шелфот на Баренцово Море на 7.4 милијарди.

Во овие региони, сепак треба да се создаде, фактички од нула, целата нафтена инфраструктура, забележува Роман Ткачук од брокерската компанија „Алпари“. Покрај тоа, нафтените претпријатија треба да обезбедат кредитирање што кај тековните ниски цени на нафтата не е пожелно. А, и треба да се привлечат странски партнери, за да се осигурат пазарите за реализација на производството.

„Најголемата последица од револуција на шкрилци во САД е тоа што таа покажа постоењето на неконвенционална нафта. Ова е нов вид нафта, која овозможи новите резерви да бидат вклучени во билансот. Ова се однесува не само нафтата од шкрилци, но и екстракција на нафта од битуменски песок итн.“, вели Симонов.

Колку чини развојот на нови наоѓалишта?

Јасно е дека трошоците за производството на неконвенционална нафта ќе бидат повисоки, а и допрва треба да се истражува. Засега шелфовите се исклучително слабо проучени. „Но, едно е кога поседувате поскапа нафта, а сосема друго е кога немате никаква. На пример, Јапонија нема, а ние имаме. Америка поседува нафта од шкрилци, Канада од битумен, а ние го имаме Бажен западен Сибир и шелфовите“ забележува Симонов.

Покрај тоа, периодот на ниски цени на нафтата нема да е вечен. А, и за извлекување од шелфовите не се потребни 100 американски долари за барел. „Според нашите пресметки повеќето проекти во Источен Сибир и на шелфот стануваат ефективни при цени на нафтата во опсег помеѓу 60 и 80 американски долари за барел. Но, освен тоа, за експлоатација на шелфот на Арктикот е потребно да се интегрираат напредни технологии, какви што поседуваат западните земји. Затоа разработката може да запне на прашањето за укинување на санкциите“, вели Роман Ткачук.

Ако нафтата од типот Брент сепак продолжува да се тргува на цени под 60-70 американски долари, тогаш руските компании ќе бидат принудени да продолжат да го „цедат сокот“ на наоѓалишта во западен Сибир и Ханти-Мансијскиот автономен округ, со дупчење дополнителни сонди.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња