Околу 700 возила лесна и тешка оклопна техника и 13000 војници од Русија и Белорусија ги демонстрираа своите можности на специјалните полигони на овие две земји. Маневрите ја покажаа подготвеноста на Русија и Белорусија за борба против евентуални терористички акции.
Вежбани се различни сценарија. Некои од нив дури личат и на сцени од холивудските акциони филмови. Тестирана е нова воена техника, а некои воени машини никогаш претходно не беа видени во акција.
Еве ги тие новитети.
Повеќецевниот ракетен фрлач „Полонез“
Новиот руско-белоруски систем доаѓа како замена за советските артилериски системи „Ураган“ калибар 220 мм и „Смерч“ калибар 300 мм, кои сега ги користи белоруската армија.
Системот „Полонез“ има два лансера за ракети калибар 300 мм кои уништуваат цели во радиус од 200 км. Секоја ракета е тешка околу 750 кг и според зборовите на професорот на Академијата на воени науки Вадим Козјулин содржи три различни боеви глави.
„Тоа се системи со GPS навигација и двојно поголем дострел од системот „Смерч“. Сѐ уште, меѓутоа, не е познато дали овие ракети имаат иста разорна моќ како и претходните системи. Можно е дострелот на новите системи да е зголемен за сметка на нивната разорна моќ“, истакнува експертот.
Оружјето е првпат покажано во 2015 година, а оваа година јавноста можеше да види колку е разорно.
Борбено возило за поддршка на тенкови „Терминатор 2“
„Терминатор 2“ спаѓа меѓу новитетите кои се очекувани со најголемо нетрпение. Наменет е за пружање поддршка на тенковите Т-14 „Армата“ и оваа година веќе ги воодушеви посетителите на воениот саем „Армија 2017“ во Московската област (22-27 август), а сега е демонстрирано колку може да биде убиствен со тенковите Т-72Б3, Т-80 и Т-90.
„Терминатор“ е направен специјално за улични борби на мал простор. Носи 4 ракетни лансери 9М120 „Атака“, два автоматски топа 2А42 калибар 30 мм, два фрлачи на гранати АГ-17Д и еден двоцевен митралез калибар 7,62 мм.
Како што Russian Beyond Македонија веќе пишуваше, ова е оружје кое непријателот не може да го игнорира, но тоа има и свои недостатоци. Во прашање е модернизираната верзија на стариот модел „Терминатор 1“ која е поевтина, но има помала огнена моќ. Новиот модел нема оклопни плочи, а наместо шасија од тенкот Т-90 (користена во претходниот модел) има шасија од тенкот Т-72. Го нема ни целото оружје кое имаше претходниот модел. На пример, ги нема автоматските фрлачи на гранати АГС-17.
„По неколку месеци Министерството за одбрана ќе соопшти колку од овие помошни борбени возила ѝ се потребни на руската армија. Тоа ќе биде објавено во рамките на новата воена програма за периодот 2018-2025“, додава Козјулин.
„Кајман“, оклопно возило за набљудување и патролирање
„Кајман“ е исто така новитет во белоруската армија. Можеби ова оклопно возило за набљудување и патролирање не е најстрашната воена машина на сите времиња, но сепак заслужува внимание.
Возилото е наменето за извидувачки и диверзантски операции, како и за патролирање во урбана средина. Може да носи шест наоружани војници и да помине 1000 км со еден резервоар. Совладува водени пречки и „плови“ 8 км/час.
На „Кајман“ може да се монтира фрлач на гранати. Корпусот на транспортерот „Кајман“ одговара на 5 класа оклопна заштита, која е непробојна за панцирно-запаллив куршум со калибар7,62 мм.