Руски научници од Институтот за епидемиологија и микробиологија „Н. Ф. Гамалеј“ развија нова универзална вакцина против сите видови на грип од типот А, изјави министерката за здравство на Русија Вероника Скворцова.
Се работи за универзална вакцина која делува по пат на универзални сигнални молекули против сите соеви на вирусот на грип од типот А, а не само против она што се вбројува во сезонски грип. Вакцината е ефикасна против птичји грип и против некои други видови, објасни министерката, пренесува агенцијата ТАСС.
Според податоците на Светската здравствена организација, на северната хемисфера оваа сезона во оптек ќе бидат три видови на грип, од кои едниот не е широко присутен и против кој во Русија не е формиран имунитет, потсетува агенцијата.
Весникот „Росијскаја газета“ по тој повод пишува дека првата руска четиривалентна вакцина за превенција на грип од домашно производство на светската јавност ѝ е презентирана на меѓународната конференција ESWI Influenza Conference во Рига.
Во светот само пет земји имаат четиривалентна вакцина против грип: Австралија, САД, Канада, Германија и Франција, а сега им се приклучува и Русија.
Се работи за најсовремената постојна вакцина која ја карактеризира исклучително висок резултат на превентивно делување, како и безбедноста која штити од четири соеви на вируси на грип. Руската вакцина е уникатна и по тоа што во нејзиниот состав влегува посебна материја на имунолошки адјувант кој поедноставно кажано го зајакнува дејството на препаратот без зголемување на концентрацијата на активната компонента. Таквата формула доведува до развој на траен имунолошки одговор и дава висок степен на безбедност, велат експертите.
Производството ќе врши во Русија во целосен циклус, почнувајќи од фазата на синтеза на супстанцијата, а и ќе биде целосно независно. Тукушто се завршени клиничките испитувања врз возрасни лица од кои експертите се исклучително задоволни.
Лекови од Сибир: руските производители излегуваат на светскиот пазар