Извор: Photoxpress
Руската експериментална вакцина за вирусот на хеморагичната треска Ебола минува низ претклинички испитувања врз животни и набрзо ќе биде подготвена за тестирање врз луѓе, рече во интервју за „Руска реч на македонски“ шефот на Роспотребнадзор (Федералната служба за надзор врз заштитата на правата на потрошувачите и човековата благосостојба) Ана Попова.
„Присутни се сите основи за претпоставка дека во скоро време вакцината ќе може да се применува за превенција од Еболата“, рече Попова, без да наведе точен рок.
Како и секој друг вирус, Еболата може да се искористи во својство на биолошко оружје. И Еболата, и салмонелата, и грипот – сето тоа може да се искористи. Ако во рацете на писмени луѓе се најде кој било патоген, тогаш со правилна примена секогаш можат да се постигнат своите цели.
Михаил Шчелканов
институт за вирусологија „Ивановски
Во моментов во Гвинеја работи стручен тим од руски епидемиолози и вирусолози кои на располагање ја имаат мобилната лабораторија за вирусологија монтирана на камион „КАМАЗ“.
Руските специјалисти работат во тесен контакт со СЗО и со „Лекари без граници“ во болницата Донка во главниот град на Гвинеја Конакри.
Последни податоци
Според податоците на СЗО за 18 септември, во Западна Африка од Ебола се заразиле 5347 луѓе, 2618 починале. Просечно смртноста изнесува 60%, што е пониско од времето на минатите епидемии, кога овој показател достигнувал 90%.
Оваа епидемија може да се смета за најголема од времето кога е откриен вирусот во 1976 година. Освен во Гвинеја, Сиера Леоне и Либерија, случаи на заразување со Ебола се забележани во Нигерија и во Сенегал.
Според истражувањето на универзитетот Оксфорд, вирусот на Ебола може да се појави во 15 земји на тропска Африка, каде во опасната зона живеат околу 22 милиони луѓе.
Уште една потенцијална опасност е во тоа што вирусот може да мутира и ќе може да се пренесува не само од човек на човек, туку и преку дишење. Оваа идеја ја искажа доктор Мајкл Остерхолм од Центарот за истражување во областа на инфекциските заболувања на универзитетот Минесота.
Како да се намали смртноста?
Вирусот на Ебола „Заир“ не е вештачки вирус. Засега ние не умееме толку добро да манипулираме со вирусите за да ги создаваме. А и зошто да го правиме тоа, кога можеме да ги земеме од природата.
Михаил Шчелканов
институт за вирусологија „Ивановски
Соработникот на научно-истражувачкиот институт за вирусологија „Ивановски“, Михаил Шчелканов во интервју за „Руска реч на македонски“ изјави дека вакцината, дури и експериментална, може да помогне за справување со вирусот, макар што далеку поважно е да се даде правилна терапија.
Михаил беше во составот на првата група руски вирусолози кои беа упатени во Гвинеја на почетокот на август за помош во борбата со епидемијата.
„Ако му обезбедите на пациентот правилна терапија против симптомите, тоа значи дека додавате 10% на процентот на преживување. Ако додадете правилна постапка за дезинфекција, добивате уште 10%. Ако притоа додадете уште и респираторна поддршка, тогаш добивате уште 20%. Ако дадете и хемостатичка терапија, тогаш добивате уште 10%. А, ако уште на тоа дадете антисерум, тогаш ќе добиете уште 25-30% “, вели Шчелканов.
Според него, хеморагичните трески, во кои спаѓа и Еболата, се опасни со својата брзина и со тоа што се појавуваат во тешко пристапни места: таму нема болници и пациентот едноставно не успева да добие помош. При правилно лекување смртноста може да се намали до 5-10%.
„Еве, да ја земеме за пример, кримската конго-хеморагична треска, многу добро позната уште во СССР. Во отсуство на прецизни санитарни норми во оддалечените села во советска Средна Азија, смртноста од неа доаѓаше до 50%“, вели Шчелканов.
Да се пресече во корен
Главниот проблем на Западна Африка е во тоа што откако епидемијата не беше запрена во декември 2013 година, кога почнаа да се појавуваат првите случаи, сега, според зборовите на Шчелканов, „може да се запре само ако се упати таму воен контингент и да се одвојат селата едни од други со ограда“, меѓутоа, и тоа нема да помогне да се ликвидира епидемијата.
Дури и трите илјади војници кои минатата недела претседателот на САД Барак Обама ги упати во Западна Африка, според зборовите на Шчелканов, ќе помогнат само да се засилат кордоните.
Запирањето на епидемијата на Ебола е сложено поради две фундаментални причини. Прво, инфекцијата има природно-фокална природа. Контролата врз процесот на циркулација на вирусите во природните жаришта во богатите со шума Гвинеја, Сиера Леоне и Либерија сега е практично невозможна. За тоа се потребни податоци кои ќе можат да се приберат со помош на епидемиолошката станица, за чие формирање Русија разговара со Гвинеја. Второ, Западна Африка е една од најсиромашните територии (на светот) каде практично отсуствуваат санитарно-епидемиолошки служби во современа смисла.
Антисанитарните услови се влошуваат со административната неспособност на многуте земји од Западна Африка и со високиот степен на корупција кој не дозволува дури ни правилно да се применат антиепидемиолошки мерки: за еден и пол долар инфициран човек може да излезе од епидемиолошкиот кордон.
Исто така, важно е да се земат предвид и особеностите на локалните верувања. Особено погребувањето на починатиот, кога целото село го прегрнува пред да го стават во гроб. Сево ова не помага за брзо запирање на епидемијата.
За природата на вирусот
Природните жаришта на треската Ебола се наоѓаат на Северно-Гвинејската висорамнина во шумската зона. Како природен резервоар се јавуваат овошните лилјаци (летачките лисици). Тие обично живеат во горните нивоа на тропската шума, самите не боледуваат во клинички изразена форма, но го испуштаат вирусот преку фекалиите и плунката. Од нив се заразуваат приматите. Малкуподвижните и слабите од болеста големи мајмуни стануваат прв улов на ловците, заразувајќи ги и нив.
Се заразуваат луѓето и од лилјаците. Добро печениот лилјак не претставува опасност, од него можеш да се заразиш додека го сечеш. Единствениот начин на борба со вирусот е создавањето на вакцина и редовен мониторинг на природните жаришта.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче