Во единиците за противвоздушна одбрана на Москва е прогласена тревога, а нивната борбена подготвеност е крената на највисоко ниво. Овие мери се преземени во согласност со наредбата на претседателот на РФ Владимир Путин за ненадејна проверка на борбената подготвеност на воздушно-космичките сили во случај на напад.
Како што прецизираа во Министерството за одбрана на РФ, тревога е прогласена во дивизионите С-300, С-400 и Панцир-С во блиските реони на Подмосковје.
Припадниците на ракетните единици извршија марш до местото кадешто техниката се подигнува на железничката пруга и го одбија нападот на набљудувачко-диверзантските групи на потенцијалниот непријател.
Овие единици се само мал дел од огромната машинерија која ги брани московјаните од можен ракетен и авионски напад.
Системот за противвоздушна и противракетна одбрана на Москва започнува далеку од престолнината.
Како што објаснува воениот аналитичар на агенцијата ТАСС Виктор Литовкин, тоа се радарите од Системот за рано откривање ракетен напад.
Тие се сместени во следниве подрачја на европскиот дел од Русија:
- во Оленегорск на Колскиот полуостров
- во Лехтуси покрај Санкт Петербург
- покрај Калининград
- покрај Армавир
- во Оренбуршката област
- па, дури и во Барановичи на територијата на Белорусија
Овие радари покриваат радиус од шест илјади километри. Според Литовкин, тоа е само дел од компактното радарско поле на територијата на Русија и на околните земји каде се откриваат сите балистички и крстосувачки ракети, авиони и други летала кои се движат кон Русија.
„Сите радари од Системот за рано откривање на ракетен напад се поврзани со штабот за противвоздушна одбрана покрај Солнечногорск (Московска област) и со радарите за наведување ДОН-2Н во Фрјазево (Московска област). Со нив е поврзан и Системот за контрола на космичкиот простор“, вели аналитичарот на агенцијата ТАСС.
Како што истакнува тој, со радарот ДОН-2Н поврзани се сто противвоздушни ракети сместени надвор од московската обиколница. Тие се предвидени за пресретнување балистички и крстосувачки ракети кои се движат кон Москва.
Локациите на овие ракети не се официјално обелоденети.
„Сигналот од Системот за рано откривање ракетен напад стасува во штабот за ПРО и на радарската станица за наведување ДОН-2Н, и таму веднаш се носи одлука со што и како да се неутрализираат леталата кои го повредиле рускиот воздушен простор“, додава Литовкин.
Во тесна врска со системот за ПРО околу Москва е и системот за ПВО на Московскиот реон кој се потпира на зенитно-ракетните системи С-300 и С-400.
Овие ракетни системи откриваат цели на далечина од 250-400 километри, а ракетите С-300 и С-400 имаат дострел од 150 и 250 километри. Непријателските објекти ќе бидат соборени, дури и ако се движат со брзина од 2.5 километри во секунда.
Посадата на системот С-400 и С-300 на своите радари можат да откријат 36 цели, а секој лансер може да отвори оган истовремено на 12 објекти.
Точни податоци за количеството техника и војници се строго чувана државна тајна. Можно е да има неколку стотини противвоздушни лансери и радари за откривање непријателски летала, за нивно следење и наведување ракети кон нив. Според плановите на Министерството за одбрана на РФ во 2020 година главниот град ќе го штитат 12 полка опремени со системите С-400.
„Поддршка на системите С-300 и С-400 околу Москва даваат противвоздушните артилериски системи Панцир-С1. Тоа е ешалон за ПРО со мал радиус на дејствување, чија намена е да ги „дотепа“ ракетите кои поради некоја причина не биле соборени додека биле уште далеку од градот“, вели за „Руска реч на македонски“ професорот на академијата за воени науки Вадим Козјулин.
Како што истакнува тој, Панцир-С1 гаѓа цели оддалечени 10-15 километри.
„Покрај системот за ПРО, небото над главниот град на Русија го штитат и ловците-пресретнувачи Су-30МС, Су-35, МиГ-29 и МиГ-31. Тие се базирани на аеродромите во Подмосковје и во други области околу Московската област“, додава аналитичарот.
Околу Москва има доволно средства за престолнината да се заштити од секој воздушен напад сметаат експертите.
Воедно потсетуваат дека во руската воена доктрина стои дека Москва го задржува правото за примена на нуклеарно оружје во случај на напад врз Русија, и тоа пред сè против државите или коалициите на држави кои поседуваат слични системи.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче