Руските военоиндустриски претпријатија градат супермоќна радарска станица за рано откривање ракетни напади врз Русија, соопшти Сергеј Боев, генерален директор на Радиотехничкиот институт „Академик А.Л. Минц“ и генерален конструктор на системот за рано откривање ракетни напади.
Според него, радарската станица од типот „Воронеж-ДМ“ ќе биде поставена на северозападот од Русија, во близина на градот Мурманск (1.872 километри од Москва). Таа ќе “го покрива најопасниот правец на можен ракетен напад“.
Новиот радар може да открие балистички ракети, космички и аеродинамични објекти, вклучувајќи и крстосувачки ракети.
Благодарение на радарските станици од типот „Воронеж“ Министерството за одбрана на РФ може по сектори да следи што се случува околу територијата на Русија на оддалеченост од 6.000 километри.
Овие станици се само еден од трите елементи на комплексниот систем за откривање ракетни напади.
„Првиот степен е космички. На пример, нашите сателити од типот Тундра кои Министерството за одбрана на РФ ги исфрли во орбитата минатата година, јавуваат за лансирање балистички ракети од териториите на веројатниот противник“, соопштува за „Руска реч на македонски“ извор во военоиндустрискиот сектор.
Потоа, според него, радарските станици од типот „Воронеж“, или слични на нив, ја следат траекторијата на летот на проектилот и ги насочуваат кон него системите за противракетна одбрана.
„Сателитите го детектираат лансирањето, а потоа треба да го определат правецот на летот на ракетата, односно да определат дали таа лета кон Русија или кон Јужна Америка. Оваа станица дава инструкции на системите за ПРО. Таа гледа сè од Санкт Петербург до брегот на САД“, додава тој.
Радарските станици од претходните генерации според изгледот потсетуваат на монументални објекти како што се древните египетски пирамиди. Сегашниот модел во голема мера се разликува од нив.
„Советскиот Дарјал во Азербејџан се состоеше од два бетонски објекта слични на киклопи. Тоа беше центар на предаватели висок над 60 метри и приемник висок 100 метри. Овие објекти беа опслужувани од стотина луѓе, а нивната изградба траеше околу 10 години и чинеше милијарда американски долари“, вели за „Руска реч на македонски“ споменатиот извор во военоиндустрискиот сектор.
Според него „Воронеж“ во споредба со „киклопите“ делува како Лилипутанец со својата „мрежеста антена во облик на едро под чесната надворешна облога, и со неколку контејнери со апаратура“.
Цената на изградбата на новата радарска станица варира од 1.5 до 2 милијарди рубли (од 23 до 31 милиони американски долари).
Радарот го опслужуваат само 15 лица. Комплетната опрема се склопува, се монтира и се тестира во фабриката во која и се произведува. Останува само овие модули, како коцки, да се склопат на објектите во готова станица и да се настројат.
Од почетокот на минатата деценија Русија ги модернизира системите за рано откривање на ракетните напади. Поради обезбедување на своите граници Москва мора да ги замени застарените радарски станици од советскиот период, како и објектите во балтичките земји, Украина и Белорусија кои по распадот на СССР се најдоа надвор од нејзините граници.
Во населбата Лехтуси покрај Санкт Петербург во 2008 година беше поставен новиот најмодерен систем за рано откривање ракетни напади од типот Воронеж кои можат да ги детектираат сите воздушни и космички објекти од брегот на Мароко до Шпицбершките острови (архипелаг во Северниот леден океан).
Следната радарска станица е пуштена во функција во 2009 година во Армавир во Краснодарскиот крај (1.400 километри јужно од Москва). Овој објект следи сè што се случува на подрачјето од Северна Африка до Индија.
Слични радарски станици сега се поставени во Калининградската област, во населеното место Пионерское (1.300 километри од Москва) и кај Иркутск(5.200 километри источно од Москва). Првата детектира лансирање на ракетите од „западен“ правец, а втората го контролира просторот од Кина до западниот брег на САД.
Министерството за одбрана на РФ планира да пушти во работа слични објекти во Краснојарскиот крај (4.200 километри источно од Москва), во Алтајскиот крај (3.900 километри источно од Москва), во Орск (1.750 километри источно од Москва) и кај Воркутa (1.900 километри североисточно од Москва).
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче