НАТО ни предлага враќање во минатото

Александар Грушко.

Александар Грушко.

Григориј Сисоев / РИА Новости
Раководството на НАТО практично ја запре соработката со Русија. Како да се оцени она што сега се случува помеѓу Москва и НАТО? Дали станува збор за стабилизација на конфронтацијата, за нејзина ескалација или се работи за некакви други тенденции? Во односите со Алијансата Москва нема позитивни теми. Од друга страна, како што објаснува во интервју за „Росијскаја газета“ постојаниот претставник на Русија при НАТО Александар Грушко, не постојат никакви знаци дека земјите од Северноатлантскиот воен блок се подготвени за преиспитување на својата надворешна политика.

Александар Викторович, што се случи по првото заседание на Советот Русија – НАТО, одржано кон крајот на април?

А.Г.: Не би ги преценувал резултатите од заседанието, ниту би правел долгорочни прогнози. Сепак, може да се каже дека средбата беше корисна. Советот Русија – НАТО нема заседавано речиси две години. Според тоа, имавме можност длабински да ги разгледаме клучните проблеми на европската безбедност.

Дали во тој случај е правилно да се констатира дека ништо не е направено, туку дека само сте се состанале и дека по средбата дадовте изјава во смисла дека не е направен напредок?

А.Г.: Најголемиот проблем не е во фактот што се одржуваат заседанија, ами во тоа што НАТО практично ја запре соработката со Русија. Ние соработувавме во цела низа проекти кои навистина придонесоа во зајакнувањето на безбедноста на сите членови на Советот Русија – НАТО. Во овој момент немаме нити една позитивна тема на дневниот ред и не гледам никакви знаци за тоа дека земјите од НАТО се подготвени за преиспитување на својата надворешна политика.

Од друга страна, за време на заседанието на Советот Русија – НАТО во излагањата на определени наши колеги се чувствуваше извесна доза на жалење поради тоа што по одлуката што ја донесе Алијансата не можеме да ја продолжиме соработката во врска со Авганистан, каде ситуацијата очигледно деградира, како и во областа на борбата против тероризмот, иако пред кризата овој правец беше еден од клучните во дејствувањето на Советот Русија – НАТО. Соработувавме во сферата на борбата против пиратите. Набројувањето би можело да продолжи, но во овој момент ситуацијата не дава повод за оптимизам во иднина.

Што се случува денес во односите помеѓу Русија и НАТО? Дали станува збор за стабилизација на конфронтацијата, за нејзина ескалација, или се работи за некакви други тенденции? Доколку според вас нема причина за оптимизам во иднина, што тогаш можеме да очекуваме од таа иднина?

А.Г.: Тенденцијата на влошување на односите сè уште го нема изгубено својот потенцијал. Доколку се земе предвид резултатот од средбата на министрите за надворешни работи на НАТО што се одржа минатата недела, Алијансата продолжува со политиката на „одвраќање“ на Русија и покрај тоа што самата повикува на политички дијалог. Не сакам да кажам дека во нашите односи со НАТО се води студена војна, но Алијансата преминува на шемите на осигурување на безбедноста кои се користеа во времето на Студената војна. Ова предизвикува вознемиреност со оглед на тоа што во овој момент не станува збор за политика, ами за развивање воени ресурси. Политиката сега добива конкретни контури во „олово“, така што сиве овие многубројни мерки што денес ги преземаат САД и нивните сојузници во Европа само го зацврстуваат ваквиот конфронтациски модел. А, тој модел понатаму повторно ќе влијае на политиката.

Cвежа е епизодата на отворањето на базата за ПРО во Романија, во врска со што е дадена цела низа изјави поврзани за Црно море. Во што се огледа суштината на несогласувањето во врска со Црно Море?

А.Г.: Црноморскиот регион беше единствен полигон на нашата соработка. Доколку се осврнеме на политиката што Руската Федерација ја спроведуваше во овој регион, ќе видиме дека таа е насочена токму кон јакнењето на меѓусебната зависност, кон формирањето на надинституционални форми на соработка и на кревање на улогата на државите кои имаат излез на Црно Море во решавањето на социјално-економските, сообраќајните и на други прашања. Русија даде мошне голем придонес кон создавањето на Организацијата за црноморска економска соработка и кон подигањето на нејзиното политичко значење. Токму во овој регион за првпат беше подготвен комплет воено-поморски мерки кои придонесуваат кон зајакнувањето на меѓусебната доверба. Беше формирана воено-поморската група „Блексифор“.

Сега НАТО се обидува да ги пренесе конфронтациските шеми и во водите на Црно Море. Неодамна претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган изјави дека не смее да се допушти Црно Море да стане „руско езеро“. Но, сите во НАТО добро знаат дека Црно Море никогаш нема да стане ниту „езеро на НАТО“ и дека ќе ги преземеме сите потребни мерки за да ги неутрализираме заканите и обидите за примена на сила во вршењето притисок врз Русија од јужен правец.

Уште би додал и дека нашата Црноморска флота беше добро интегрирана во меѓународните напори насочени кон стабилизација на ситуацијата во регионот на Средоземно Море и јужно од него. Конкретно, нашата флота активно учествуваше во операциите против пиратите во координација со НАТО и со Европската Унија и се вклучи во антитерористичката операција на НАТО „Активен напор“ (Active Endeavour). Сега НАТО се откажа од овој облик на соработка.

Во услови на сè поголема затегнатост, вклучувајќи ги и летовите на руските авиони во близина на американскиот брод на Балтичко Море, 70 километри од Калининград, постојат ли доволно механизми за спречување на случајно избувнување на конфликт? Во која мерка функционираат „жешките линии“ и другите механизми?

А.Г.: Во изминативе децении меѓународната заедница и европските земји во рамките на ОБСЕ создадоа мошне развиен систем на инструменти за контрола на вооружувањето и мерки што овозможуваат спречување или отстранување на опасностите од избивање ненамерни воени инциденти, како и систем на други инструменти, вклучувајќи ги и линиите на „жешки врски“ меѓу воените команди. Руската Федерација има склучено цела низа билатерални договори, меѓу кои и со некои членови на НАТО. Овие договори не се покажаа лошо, на пример во руско-норвешките односи. На европскиот север тие сè уште функционираат доволно ефикасно.

Проблемот не е во тоа дали ваквите механизми се доволни или не, ами проблемот е во политиката и во ширењето на воените ресурси што ги реализира НАТО. Излегува дека Алијансата најпрво ја приближи својата територија кон границите на Руската Федерација, а потоа почна да ја уредува со воена инфраструктура и покрена воена активност во разместувањето на ротирачки или постојани воени контингенти, иако во суштина не постои никаква разлика помеѓу постојаното присуство и присуството со непрекинато ротирање. Постојано се изведуваат воени вежби, се градат магацини за тешка воена техника, како дефанзивна, така и офанзивна, и се започнуваат нови мисии како што е патролирањето на воздушниот простор на Балтикот. Со самото тоа регионот на Европа, некогаш најмирниот од гледна точка на класичната опасност, се претвора во сфера на воена конфронтација.

За да се ублажи затегнатоста неопходно е да се занимаваме токму со тоа. Секој дијалог ќе има смисла и содржина само тогаш кога НАТО ќе се откаже од оваа линија што ја спроведува, кога процесот на ширење на силата и обидите за демонстрирање на силата по должина на нашата граница ќе бидат запрени и редуцирани. Тогаш, најверојатно, и ќе се создадат услови за разгледување на прашањата како да се осигури безбедност на сите земји во Европа и во нејзината регионална димензија, имајќи го предвид фактот што во овој момент опасноста не е на европскиот континент, ами се генерира однадвор во вид на хаос и распаѓање на државноста во регионот на Блискиот Исток и на Северна Африка, во вид на миграциска криза, опасност од терористички напади и слично.

Квалитетот на безбедноста во Европа нема да се дефинира само според тоа дали ќе успееме на воен план да ја ублажиме сегашната затегнатост во односите помеѓу НАТО и Русија, ами и во тоа дали ќе можеме да воспоставиме реална колективна соработка во спротивставувањето на појавите кои претставуваат опасност за заедничката безбедност. Во оваа област ситуацијата влева малку повеќе оптимизам зашто прагматичните интереси избиваат во прв план. И покрај обидите организација како НАТО да се искористи како инструмент за изолација на Русија, гледаме дека соработката со Москва сепак се развива во други форми кога станува збор за решавањето на клучните меѓународни прашања и предизвици поврзани со безбедноста. Тука мислам на блискоисточниот квартет, и на Меѓународната група за поддршка на Сирија и на Нормандискиот формат – набројувам само некои моменти, инаку списокот е подолг. Поради тоа земјите што учествуваат во овие напори и кои се подготвени за соработка со Руската Федерација на колективна основа, односно на основа на рамноправност со уважување на нашите легитимни безбедносни интереси, очигледно треба на соодветен начин да ја преуредат политиката на организацијата во којашто членуваат. Тука не мислам само на НАТО, ами и на Европската Унија.

Но, аргументот на спротивната страна гласи дека Русија се покажала како агресор и дека е неопходно да се одвраќа. Кои аргументи во врска со ова прашање ги забележувате во своите контакти кога велат дека Русија извршила анексија на Крим, дека поставува ново оружје во Калининградската Област итн?

А.Г.: За нашите партнери е инаку карактеристично тие да отвораат нови страници на историјата. Навистина, го видовме нивното тежнеење да ја искористат кризата во Украина, а генезата на таа криза им е на сите јасна. Таа, пред сè, е обид на определени сили на Западот да ја доведат Украина во ситуација да мора да избере еден геополитички партнер – Русија или Западот, а тоа заврши со државен удар. Во согласност со меѓународното право народот на Крим донесе одлука. Навистина се обидуваат нам да ни ја припишат одговорноста за сегашната ужасна состојба во европската безбедност. И во таа смисла не се двоумат. Но, целата приказна на руската политика во оваа сфера е приказна на придонес во изградбата на вистински колективен систем за безбедност. Доколку почнеме да ги реконструираме настаните од година во година и доколку погледнеме што има направено Русија, ќе се увериме во доследноста на нејзините напори насочени кон надминувањето на наследството од Студената војна. Пред сè, ние ги повлековме сите трупи на поранешниот Советски Сојуз од земјите од Источна Европа и од Балтикот. Патем, тогаш балтичките земји ја прокламираа политиката на неприклучување кон воените сојузи. Ние бевме водечка земја во обидите да се формира принципиелно нов режим на контрола на вооружувањето. Мислам пред сè на создавањето на Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа. Потоа Русија стана иницијатор на процесот за адаптација на овој договор, што заврши со потпишување на соодветен договор во 1999 година. Русија го ратификуваше во 2004 година. Земјите од НАТО, меѓутоа, ја избегнаа неговата ратификација со сосема нејасно образложение, и со самото тоа ги урнаа материјалните темели на воената безбедност во Европа.

Поради тоа процесите што денес се случуваат треба да се погледаат пред сè од агол на геополитичките интереси на соодветните земји. Ваквата анализа сведочи за тоа дека украинската криза е искористена како повод за нагло вртење во политиката и за развој на воените ресурси на НАТО. Сега нема да се впуштам во конспиративни верзии, но трезвената анализа сепак укажува на тоа дека НАТО воопшто не се чувствува пријатно доколку нема силен непријател.

Сите операции што ги изведе НАТО по завршувањето на Студената војна имаа негативен резултат. Ова се однесува и на Балканот и на Либија. Земјите од НАТО носат директна одговорност за разорувањето на Ирак. Она што сега го гледаме на просторите на Блискиот Исток и на Северна Африка претставува појава на огромни територии на кои господарат терористи и екстремисти од сите бои. Ова е во голема мера резултат на дејствувањето на НАТО. Истото се однесува и на Авганистан. НАТО таму беше присутен и пред 12 години, но резултатот од тоа присуство засега е под голем знак прашалник, како што е прашање и дали во блиска иднина во Авганистан ќе бидат зачувани барем некакви остатоци од стабилноста. Во овој момент е очигледна тенденцијата во насока на влошување на ситуацијата. Сè поголем е бројот на областите што се под контрола на Талибанците. Сè посилна е и „Исламската држава“. Ние тоа го третираме како целосно очигледно загрозување на безбедноста. На пример, гледаме дека екстремистите и терористите продираат во северните провинции на Авганистан, што непосредно ги загрозува нашите сојузници од Организацијата на договорот за колективна безбедност (ОДКБ).

Би сакал да истакнам дека во западната политиколошка средина уште пред украинската криза се поставуваше прашањето за тоа дали НАТО ќе може да постои како инструмент кој им одговара на новите услови на безбедност. Денес гледаме дека претставата за крупно непријателство се користи за решавање на сосема други политички задачи, односно за враќање на НАТО во центарот на светската политика, како и за обид да се докаже дека не постои друг начин за осигурување на безбедност освен „натоцентризмот“ со потпирање на стратешката врска помеѓу Европа и САД. Затоа и им е потребен крупен непријател кому тие ќе му ја спротивстават Алијансата.

Дипломатите читаат документи. Пред неколку месеци беше издадена новата редакција на воената стратегија за европската команда на вооружените сили на САД. Во неа „црно на бело“ пишува дека задачите на оваа команда се состојат во ширењето на интересите на САД „од Гренланд до Касписко Море и од Северен Леден Океан до Леванта“. Каде се САД, а каде е Касписко Море? И каде Русија може да ги шири сопствените национални интереси? Според тоа, кога велат дека Русија ја зајакнува својата воена моќ, треба да се каже пред сè дека ние тоа го правиме на својата територија. И ве уверувам дека сите наши активности не претставуваат никаква тајна за нашите соговорници.

Не мислам дека луѓето во НАТО се толку наивни и дека не очекуваат воено-технички одговор од страна на Русија на сите оние мерки што ги преземаат на источното крило, а во кои спаѓаат и обидите за демонстрација на сила, летовите по должината на нашите граници и приближувањето на бродот со еден куп крстосувачки ракети на неколку десетина километри од клучните објекти на Воената морнарица на РФ. Мислам дека тие знаат дека Русија ќе одговори. Јас на нивните потези гледам како на свесна политика која треба да ја докаже „потребата“ за НАТО во нови услови на безбедност, а воедно да ги реши и другите прашања, како што е, да кажеме, принудувањето на Европејците да го „одврзат ќесето“ за одбрана и да купуваат американска воена техника.

Кога ќе го слушнеме она што сега вие го велите и она што го велат претставниците на земјите од НАТО, се стекнува впечаток дека станува збор за два монолога кои практично никаде не се пресекуваат. Што треба да се случи за овие монолози да станат дијалог? Постои ли некаков терен на кој овие верзии можат да се приближат една на друга?

А.Г.: Се надевам дека таква основа ќе се појави. Во односите помеѓу Русија и НАТО постојат неколку димензии. Ние отсекогаш сме тргнувале од тоа дека за порастот на довербата во нашите односи со време ќе придонесе соработката што ја реализираше Руската Федерација – да го споменам само транзитот во Авганистан и други видови поддршка на Меѓународните сили за поддршка на безбедноста (ISAF), подготвувањето техничари за авганистанските вооружени сили на руската територија итн. НАТО треба да сфати дека е неопходно да се премине кон позитивен дијалог на рамноправна основа, и дека без тоа ќе биде тешко да се разговара со Русија за позитивна стабилност во односите.

Секако, Русија и НАТО и понатаму ќе бидат водечки воени фактори на евроатланскиот простор, но не треба да се надеваме дека чисто козметичките мерки ќе бидат плодотворни во услови кога на самата фасада се појавуваат пукнатини. А, тие се појавуваат пред сè затоа што НАТО со својата политика и со ширењето на воените ресурси го деформира системот на инструменти кои се создадени по завршувањето на Студената војна и фактички нè повикува во минатото. Со други зборови, ние не би сакале со нив да се гледаме преку нишан, но ниту, пак, низ призма на потенцијали кои можат да бидат разместени по должина на нашите граници. Тоа е непријатната вистина. Како што би се рекло: ништо лично. Од базата Амари во Естонија која ја користи военото воздухопловство на НАТО потребни се само неколку минути лет до Санкт Петербург. Според тоа, секој професионалец во редовите на руската армија секако ќе направи сè за да ја неутрализира опасноста преставена преку оваа база, а ние знаеме дека во неа можат да се наоѓаат и воени авиони. За да запре ваквата тенденција не се доволни политичките напори. Потребно е воедно и одрекување од конфронтациските воени планови.

Што можат да направат европските земји во оваа смисла? Обично се смета дека НАТО игра како што свири Америка и дека таа ја дефинира сета политика.

А.Г.: Тоа е навистина така. Америка се прашува. Не во целост, но таа ги определува основните контури на политиката и на ширењето на воените ресурси на НАТО. Кога станува збор за западноевропските земји, секако дека тие треба самите да одлучуваат во која парадигма на безбедноста сакаат да бидат. Јас сум уверен дека луѓето со здрав разум добро знаат дека најдобрите услови за безбедност можат да бидат создадени низ развојот на партнерство со Русија. Ние живееме на ист континент и зависиме еден од друг, зашто географијата не може да се промени. Но, светот во голема мера е сменет. На сите нам подеднакво ни се закануваат нови опасности, и поради тоа е потребно да се обединат силите.

Уште еднаш нагласувам дека за многу прашања ваквите прагматични интереси излегуваат во прв план. Обидите Русија да се изолира со користење на трансатлантскиот формат, како што веќе се уверивме, не им пречат на западноевропските земји да нè третираат како клучен партнер во решавање на конкретните светски и регионални проблеми.

А, во врска со тоа, што ќе се случи со Основниот акт Русија – НАТО?

А.Г.: Основниот акт Русија – НАТО и понатаму е еден од малобројните фактори за одвраќање. Поради тоа сметаме дека неговото значење во ниту еден случај не треба да се потценува. Кај многу членки на НАТО постојат политички сили кои се залагаат за отфрлање на овој документ. Тоа би било крајно опасно. Во тој случај, судејќи според сè, би можело да се каже дека Европа ризикува да остане без последните остатоци од инструментот кој осигурува безбедност, а кој не се засновува на рамнотежа на закани и на контразакани. Што е тоа контрола на вооружувањето? Нејзината смисла е во тоа да се осигури поголема безбедност со што помалку средства. Отфрлањето на Основниот акт и на неговите одредби за воздржаност во воената сфера ќе биде директен повик кон нова фаза од трката за вооружување. Ваквиот развој на настаните значително би ја дестабилизирал ситуацијата во Европа. А, тоа не им оди во прилог на општоевропските интереси. Претседателот на Руската Федерација В.В. Путин во повеќе пригоди рече дека тоа не е во наш интерес.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња