Русите сметаат дека најнепријателски кон нив се расположени САД, Украина и Турција, се вели во резултатите на анкетата на „Левада-центар“.
Притоа САД ја имаат лидерската позиција (72%). На второто место меѓу непријателите е Украина – вака одговорија 48% од руските граѓани, иако пред само една година овој показател беше понизок и изнесуваше 37%.
Но, најголем скок во рејтингот за непријатели на Русија има Турција. Доколку пред една година само 1% од испитаниците ја сметаа Турција за непријател, оваа година бројката порасна на 29%.
Меѓу пријателите лидерските позиции ги заземаат партнерите на Русија во Евроазискиот економски сојуз – Белорусија (50%) и Казахстан (39%). На трето место меѓу пријателите се наоѓа Кина со 34%, која процентуално падна на рејтингот, со оглед на тоа дека пред една година оваа земја за пријател ја сметаа 43% од испитаниците.
Треба да се забележи дека меѓу пријателите почна да фигурира Сирија. 10% од испитаниците сметаат дека таа им е пријател, додека во 2015 година оваа бројка изнесуваше 2%.
Кога станува збор за Европската Унија, само 24% од испитаниците се изјаснија за членство во ЕУ. За споредба, во 2009 година 53% од руските граѓани ја поддржуваа евроинтеграцијата.
Експертите се согласуваат дека надворешнополитичката состојба во целост го определува односот на Русите кон една или кон друга земја и доколку таа состојба се измени, тогаш и односот може да премине од непријателски во пријателски и обратно.
„Овие резултати не се зачудувачки. Доколку секој ден зборуваме дека наши непријатели се Америка или Европа, тогаш порано или подоцна вие ќе почнете да верувате во тоа“, смета Дмитриј Рогозин, шеф на лабораторијата за методологија на социолошките истражувања при Руската академија за народно стопанство и јавна администрација. Според мислењето на експертот, ваквиот однос на граѓаните не може да се нарече постојан, зашто може лесно да се измени. „Доволно е само во текот на еден месец на федералните телевизиски канали да се прикажува дека сега наши пријатели се Американците, и наскоро кај јавноста ќе се намали антиамериканизмот. Исто може да се каже и за Турција и за Украина“.
Рогозин забележува дека важна особеност е тоа дека луѓето што во социолошките истражување некои земји ги нарекуваат пријателски или непријателски, никогаш и не биле во нив.
„Доколку 'Левада-центар' започне да ги прашува своите испитаници дали тие биле во земјите што ги нарекуваат непријатели, сигурен сум дека во 99% од случаите тие би одговориле 'не'. Лесно е да го мразиш оној што не го познаваш“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче