Министерството за одбрана на РФ ја завршува изградбата на три завршни пристаништа за подморници во Новоросијск (1.500 километри јужно од Москва – заб. ред.). Како што соопштува за „Руска реч на македонски“ извор од военоиндустрискиот сектор, на новата база на Црноморската флота ќе бидат поставени шест подморници од проектот 636.6 „Варшавјанка“.
„Сега на пристаништето на овој град веќе се наоѓаат три од вкупно шест подморници. Тоа се 'Ростов на Дон', 'Новоросијск' и 'Стари Оскол'. Секоја од нив е опремена со подводни противбродски торпеда и ракети од класата „Калибар“ кои во Сирија ја покажаа својата борбена моќ и можноста да погодуваат цели оддалечени 2.500 километри“, вели споменатиот извор за „Руска реч на македонски“.
Според него, одлуката за отворање дополнителна база на Црно Море е донесена во врска со зајакнатата активност на бродовите на НАТО во изминатите неколку години. „Базирањето на подморницата од проектот 636.66 Варшавјанка во Новоросијск ѝ овозможува на Русија да ги контролира потенцијалните закани на територијата на Европа и на Блискиот Исток“, истакнува соговорникот на „Руска реч на македонски“.
Првобитно новата база на црноморското приморје беше градена поради руско-украинските несогласувања по распадот на Советскиот Сојуз. Поморската база на Крим во 1991 година ѝ беше дадена на Москва под закуп, но секоја модернизација на бродовите и на опремата (сè до последниот куршум – заб. ред.) мораше да биде усогласувана со киевскиот парламент.
Според воениот експерт на агенцијата ТАСС Виктор Литовкин, политиката на Украина по распадот на СССР се сведувала на потиснување на Русија од Крим. Ситуацијата се изменила кога полуостровот во 2014 се присоедини кон Русија. Тогаш започнаа сеопфатните реформи на флотата.
„Севастопољскиот залив ѝ дава на Москва уникатни можности. Со негова помош и новите бази во Новоросијск, Русија може во целост да го контролира Босфорскиот мореуз и воената инфраструктура во Бугарија, и може да ја нивелира опасност што се заканува од американскиот систем за ПРО во Романија“, истакна експертот.
Според Александар Храмчихин, директор на Институтот за политичка и воена анализа, американскиот систем за ПРО во Источна Европа е опасен за Русија пред сè поради можноста одбранбената база за кратко време да се преквалификува во офанзива.
„Американскиот систем за ПРО може да има крстосувачки ракети во лансирните силоси. Конкретно, лансирните рампи за противвоздушните ракети Standard SM-3 можат да се користат за стратешките крстосувачки ракети Томахавк за време на напад на територијата на Руската Федерација“, вели Храмчихин.
Силната страна на новото место на базирање на Црноморската флота е можност бродовите и подморниците да се распоредат на неколку поморски бази во еден регион, велат аналитичарите. Но, базата во Новоросијск има и еден недостаток кој допрва треба да се отстрани.
„Тоа се пред сè климатските услови. Приморската зона на Новоросијск е постојано на удар на северните ветрови кои дуваат од Кавкаските планини. Тоа се мошне силни ветрови. Тие им прават проблеми и на објектите и на бродовите што ќе им се најдат на патот. Тој ветар може да исфрли брод на брегот и да уништи една цела воена инфраструктура. За волја на вистината, за време на изградбата на базата се водело сметка за тоа налетите на ветрот да не бидат толку катастрофални“, вели Литовкин за „Руска реч на македонски“. Според него, Русија гради дополнителен тунел на Кавкаските планини со цел во целост да се отстрани опасноста од разорни ветрови.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче