Русија за мене значи многу

УКИМ
На почетокот на март ректорот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски официјално стана прв почесен конзул на Руската Федерација во Охрид. За овој настан, за академските активности поврзани со РФ, како и за личните односи кон Русија ректорот Стојковски зборува во ексклузивното интервју за „Руска реч на македонски“.

На почетокот од месецов и официјално го добивте конзулскиот патент и станавте почесен конзул на Руската Федерација во Охрид. Што значи ова за Вас како човек и како професионалец?

Назначувањето за почесен конзул на Руската Федерација во Охрид како човек ме прави среќен зашто таа мисија ми е доверена од најголемата и најсилна држава во светот. Пријателските односи помеѓу Русија и Македонија имаат длабоки заеднички историски, културни и цивилизациски корени. Покрај тоа, Царска Русија уште во 1837 година, назначувајќи го Михаил Александрович Хитрово, имала и свој конзул во Македонија. Така што, од професионален аспект, именувањето за почесен конзул на РФ, за мене не е само голема чест, туку и обврска за продолжување и продлабочување на тие пријателски односи. Со назначувањето за почесен конзул на РФ во Охрид, се отвораат нови можности за зацврстување на врските помеѓу двете држави и народи.

На почетокот од годинава се отвори Рускиот центар при УКИМ. Зошто беше потребен еден ваков центар и која е неговата улога во животот на Универзитетот?

Отворањето на Рускиот центар со помош на Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија и со поддршка на фондацијата „Руски мир“, значи уште една потврда на патот на Универзитетот во развивањето на руско-македонските односи. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје е најстариот, најголем и прворангиран универзитет во Македонија, на кој се образуваат повеќе од 60.000 студенти, а вработени се 3.300 професори и соработници. Рускиот центар е основан како организациска единица на Универзитетот со одлука на универзитетскиот сенат, а за Рускиот центар обезбедивме сопствен простор од повеќе од 200 м2 во центарот на градот и прекрасно го уредивме, со што мислам дека тој е еден од најубавите и најголемите Руски центри во регионот. Но, отворањето на центарот не е само во функција на Универзитетот, туку и на сите граѓани на Република Македонија, кои тука ќе можат да го изучуваат рускиот јазик, но и да се запознаат со руската литература, култура, богата историја и сѐ што ги интересира за Русија. Центарот денес, два месеци по неговото отворање, е препознатлив простор во културниот живот на градот и државата. Тука се одржуваат литературни читања од руски поети, изложби, презентации на филмови, курсеви по руски јазик и сл. Беше организирана вечер посветена на Ана Ахматова, се постави изложбата „Руската патријаршија“, се одбележа празникот Масленица, се прикажуваат руски филмови, се презентираа стипендиите на Владата на РФ за студирање во Русија и многу други активности. Речиси да нема ден без некоја активност. Во оваа пригода сакам да му се заблагодарам на амбасадорот на РФ во РМ н.е. Олег Николаевич Шчербак, на г. Константин Берсенев, на Александар Алексеев и на соработниците од Амбасадата, за нивната сесрдна помош, како и на секретарот на Рускиот центар д-р Емил Ниами за неговиот ентузијазам и посветеност, без што сето ова немаше да се реализира.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ тесно соработува со високообразовни институции од Русија. Со кого конкретно соработувате и кои се резултатите од ваквата соработка.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ соработува со повеќе руски универзитети, како Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“, Московската духовна академија, Московскиот државен универзитет за геодезија и картографија, Московскиот државен политехнички универзитет, Земјоделскиот универзитет во Новосибирск и многу други, а во тек се и подготовки за потпишување на договори за соработка со Санктпетербуршката духовна академија. Бројот на руски универзитети и институции со кои соработуваме постојано се зголемува. Резултатите од таа соработка се заемно корисни: размена на искуства, размена на професори и студенти, организирање заеднички конференции итн. Постојат повеќе такви примери, но во оваа пригода ќе споменам неколку. Нашиот правен факултет „Јустинијан Први” и правниот факултет при Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов” соработуваат повеќе од 30 години. Веќе традиционално секоја година организираат размена на студенти и професори, а во три наставни области користат заеднички учебници. Соработуваат и филолошките факултети со своите лекторати (рускиот лекторат во Скопје и македонскиот во Москва). Минатата година како ректор на Универзитетот, потпишав договор со проф. Елена Верижникова и академик Рина Усикова од МДУ (кои се воедно и почесни професори на нашиот Универзитет) за изработка на голем руско-македонски речник. Покрај постоечките речници кои што ги имаме, тој ќе биде најголемиот речник досега издаден. Ја очекуваме неговата промоција до крајот на месец јуни 2016. Понатаму, нашиот Градежен факултет учествува во заеднички проекти со руските универзитети итн. Соработуваме и на полето на архитектурата, медицината и др. Бројни се примерите на нашата соработка, а резултатите се евидентни.

Минатата година на презентацијата на Православната енциклопедија бевте назначен за претставник за Македонија. Како се движат работите во оваа насока?

Назначувањето за претставник на Православната енциклопедија за Република Македонија, претставува чест не само за мене, туку и за Република Македонија, зашто да се биде дел од такво светско капитално дело, единствено по својот обем и квалитет, самото по себе значи многу. Ние за прв пат добивме можност во едно такво импозантно дело да пишуваме за себе. Јас можам да го изразам своето големо задоволство, затоа што задачата што ни беше доверена – да напишеме текст за Македонија – успешно ја завршивме и текстот го доставивме до редакцијата во Москва. Со својата систематичност во приодот, богатството на факти и начинот на презентација, Православната енциклопедија дава несомнен прилог не само кон единството на православниот свет, туку и за подобро запознавање и зближување на сите конфесии и култури во светот.

Како ректор Вие мошне активно ја промовирате Русија во академската средина, за што сведочат и големиот број медали и признанија. Што претставува лично за Вас Русија?

Навистина, тешко ми е во неколку зборови да кажам што за мене претставува Русија. Почитта и љубовта кон Русија е истата од далечната 1976 година, од моите први контакти со рускиот јазик во основното образование. Зборот Русија е голем колку што е голема и самата Русија. Тој е синоним за најголемата и најмоќна држава на светот, за центар на словенството, за земја и народ кои се вградија во темелите на светската култура и цивилизација, за земја која храбро, положувајќи 27 милиони жртви, му стави крај на едно од најголемите зла на човештвото – фашизмот. Тој е синоним за најграндиозните цркви, за најубавите реки, за најшироките полиња, за најсветлото сонце, за најубавите брези, за најдлабокиот снег. Тој е синоним за големите луѓе, за Чајковски, Рахманинов, Прокофјев, за Толстој, Достоевски, Пушкин, Есенин, Шолохов, за Менделеев, Павлов, Гагарин, Терешкова. Русија за мене значи многу.

Каква полза може да им донесе соработката на Република Македонија со Руската Федерација на студентите и професорите од УКИМ и, воопшто, на сите граѓани?

Како што кажав на почетокот, со Русија делиме заеднички корени и заеднички вредности. Русија е голем и искрен пријател на Република Македонија која својот однос го гради врз заемното почитување и уважување. А, секоја соработка со искрен пријател може да донесе само добро.

Во светот расте заинтересираноста за изучување на рускиот јазик на академско ниво. Каква е ситуацијата кај нас?

Ако земеме предвид дека рускиот јазик е официјален јазик на најголемата држава во светот, а го зборуваат и големите руски заедници во многу други држави во Европа и во светот, како и тоа дека тој е јазик на науката и техниката, јазик на уметноста, јазик на кој твореле најголемите светски научници и уметници и дека е еден од најбогатите јазици воопшто, изучувањето на рускиот јазик заслужува големо внимание.

Кога зборуваме од поголема временска дистанца, на пример дваесеттина години, факт е дека интересот за изучување на рускиот јазик во нашата држава доживеа намалување. Зошто тоа се случи, навистина не сум сигурен дека ќе дадам точен одговор, но мислам дека причина за тоа беа повеќе фактори кои кумулативно го дадоа тој ефект. Но, она што радува, е тоа што во последните години ситуацијата се менува. Во тенденциите на зголемувањето на актуелноста на јазикот, не смееме да ја занемариме и улогата на зацврстувањето на Русија како значаен фактори и лидер на светската политичка и економска сцена, потоа присуството на руските фирми кои работат на македонскиот пазар како „Лукоил“, „Стројтрансгас“, „БЕГ“, „САСА“ и други, зголемувањето на трговската размена меѓу двете земји и сл., подигнувањето на нивото на културна и научно-образована размена итн.

Со сите напори што ги прави Руската амбасада, Универзитетот и другите чинители во Република Македонија, постепено се враќа актуелноста на јазикот. За тоа зборува не само бројот на новозапишани студенти на катедрата за руски јазик на нашиот филолошки факултет, зголемувањето на интересот за изучување на рускиот јазик на другите факултети, туку и податокот дека за само десетина дена во Рускиот центар за изучување на јазикот се пријавија повеќе од стотина кандидати. Тоа е доказ дека младите луѓе сакаат да го изучуваат рускиот јазик, и на тоа треба да се работи.

Во таа насока, сите заедно, и одговорните во образовниот систем во државата, и ние во академската заедница, мораме да направиме максимални напори да го подигнеме нивото на изучувањето на рускиот јазик на сите степени на образование, од основно до високо. Се надевам дека во сите тие напори, Рускиот центар при нашиот Универзитет ќе има значаен придонес.

Руската Федерација во последниве години ги зголемува квотите за стипендирање на македонски студенти на руските универзитети. Дел од оние што заминуваат, своето образование го започнале на УКИМ, а потоа продолжуваат на втор и на трети циклус студии. Како нашите дипломци се снаоѓаат во руската високообразовна средина?

На презентацијата која што се одржа на нашиот Универзитет беа присутни повеќе од 250 заинтересирани студенти, што не е мала бројка  и самото по себе зборува за зголемениот интерес за студирање во Русија. Познато е дека рускиот високообразовен систем е еден од најквалитетните во светот. Нашите искуства со стипендиите на универзитетите во Руската Федерација се исклучително позитивни. Сите студенти се враќаат збогатени со нови знаења, нови искуства и нови пријателства, и без оглед на тоа каде ја продолжуваат својата кариера, тие со образованието во Русија, добиваат академска широчина и знаење со што се добредојдени во секоја институција.

Какви се идните планови на УКИМ поврзани со соработката со Руската Федерација и какви се Вашите идни планови како почесен конзул на РФ во Охрид?

Идните планови на УКИМ поврзани со соработката со универзитетите во Русија, секако ќе бидат продолжение на врските и активностите кои традиционално постојат меѓу нашите институции, но и на нови контакти во насока на продлабочување и проширување на соработката преку различни форми и активности.

Идните планови на УКИМ поврзани со соработката со универзитетите во Русија, секако ќе бидат продолжение на врските и активностите кои традиционално постојат меѓу нашите институции, но и на нови контакти во насока на продлабочување и проширување на соработката преку различни форми и активности.

Како почесен конзул имам задача да работам на зголемувањето на економската, трговската, културната, научната и друга соработка меѓу двете земји. Но, отворањето на почесен конзулат во Охрид не е случајно. Исто така, не е случајно и тоа што Охрид е наречен „словенски Ерусалим” и што е под заштита на УНЕСКО. Во Охрид, во кој некогаш постоеле 365 цркви, и денес се наоѓаат најстарите храмови од IX век. Искрата на писменоста која во Македонија ја запалиле светите браќа Кирил и Методиј светнала до Новгород, а тие, заради нивното значење не само за единството на словенските народи, туку и за Европа, се прогласени за нејзини патрони и сопокровители. Во Охрид твореле нивните ученици Св. Климент и Св. Наум Охридски. Тука во 886 година е формирана Охридската книжевна школа позната како “Прв словенски универзитет” со 3.500 ученици. За Охрид и неговото значење за целиот словенски свет, може многу да се зборува. Затоа, покрај редовните задолженија како почесен конзул на Руската Федерација во Охрид, ќе работам и на тоа Охрид да го направиме место кое ќе се најде на листата на туристичките понуди на руските агенции.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња