Во пресрет на Денот на учителите, кажете ни какво е вашето искуство во предавањето руски јазик на студентите?
Нашата професијата е благородна и, би рекла, благословена. Таа бара креативност и посветеност. Секојдневната комуникација со млади луѓе, кои имаат отворен дух и жед за знаење, ве подмладува, ви дава елан за работа. Кога ви успева да допрете до нив со чудесната сила на руската реч, да им пренесете барем дел од сопственото знаење и од љубовта кон јазикот и културата, се чувствувате исполнето и задоволно. Во текот на овие триесетина години од мојата наставна ангажираност имав среќа да го следам и да го поттикнувам напредувањето на извонредно талентирани млади русисти. Ја користам оваа можност на сите колеги да им го честитам празникот и да им посакам добро здравје, бодрост и трпение. А, учениците и студентите да нѐ радуваат со своите успеси. Предавањето на рускиот јазик од генерација на генерација претставува мој главен професионален повик.
Важите за еден од најдобрите специјалисти во Македонија кога станува збор за практиката на јазикот. Колку во текот на овие години забележувате промени во рускиот јазик?
Јазикот е жив организам, тој се развива, еволуира. Рускиот јазик се пополнува со интернационализми, претежно со англо-американизми; постои тенденција кон аналитичност – поедноставување во сферата на употреба на падежните наставки. Во заборав заминуваат некои реалии од советскиот и од постсоветскиот период, а се набљудува влијание на разговорниот стил. Секако дека постојано треба да бидеме во тек со новата лексика што се појавува во рускиот јазик, а која се должи на научно-технолошкиот развој. Токму затоа на групата за руски јазик и книжевност постојат и посебни предмети што се однесуваат на терминологијата, на консекутивниот и на симултаниот превод. Сметам дека на студентите треба да им се дава лексика од различни пластови, од различни стилистички нивоа, со оглед на тоа што по завршувањето на студиите тие ќе се сретнат со различни видови текстови.
Во минатото рускиот јазик се изучуваше во голем број училишта во Македонија. По распадот на Југославија ситуацијата се измени. Каква е моменталната ситуација?
За жал, во мал број училишта се изучува рускиот јазик. Но, години наназад се прават обиди да се вклучи во наставни програми. Таков е случајот со основното училиште Димитар Миладинов, каде што постои можност за учење на рускиот јазик во почетните одделенија. Има и други примери каде што се негува љубовта кон јазикот на Пушкин и Достоевски. Би ги посочила гимназиите во Куманово и во Берово, во Чашка (Велешко), во кои со самопрегор работат извонредни професори. Истото може да се забележи и со студиите по руски јазик и книжевност. Доколку до пред дваесеттина години во една група имавме и до шеесет студенти, денес нивниот број во една група изнесува од петнаесет до дваесет. Ова е малку контрадикторно со оглед на фактот што во глобални рамки интересот за рускиот јазик е зголемен. Во државите од нашето соседство на групите по руски јазик и литература за едно место конкурираат и по петмина кандидати. Токму ова влева надеж дека и кај нас ситуацијата може да се промени.
Со студенти во Москва. Фотографија од лична архива
Вие предавате и практика на превод на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а исто така сте и единствениот специјалист во Македонија кај кого се полага испитот за судски преведувачи по руски јазик. Колку обучувањето за превод е важно во денешно време?
Ова прашање е особено актуелно во пресрет на 30 септември, Меѓународниот ден на преведувачите. Во современиот светот се забележува сѐ поизразена потреба како за изучување странски јазици така и за обучување за преведување. Несомнено е дека има потреба студентите покрај наставата на факултетот да имаат можност за вклучување директно во преведувачкиот процес, да го следат „во живо“. Во таа смисла имаме напредок во опремување со најсовремени кабини во лаборатории на Филолошкиот факултет. Во Македонија на прсти можат да се избројат преведувачи по руски јазик што се занимаваат со консекутивен и со симултан превод, а истото важи и за оние што работат со литературен превод. Затоа сметам дека ни се потребни повеќе специјалисти и теоретичари по превод, со цел студентите да можат да добијат колку што е можно повеќе практика, а, секако, сето тоа засновано врз теоријата на преводот и традуктологијата, кои во руската лингвистика имаат долга и богата традиција.
Во последно време се забележува и голема потреба од русисти во Македонија. Постои ли квалитетен кадар кој може да ги задоволи овие потреби?
Тоа прашање станува сè поалармантно... Со децении Катедрата не се пополнува со нови специјалисти, а секоја година по еден или двајца професори заминуваат во пензија. Нарушен е природниот тек на смена на генерации и ангажирањето млад кадар е повеќе од неопходно. Дојдовме до ситуација некои клучни предмети да не бидат покриени со настава. Квалитетот се гради, треба години еден млад човек да стекне искуство и да се усоврши.
Колку вие како единствена катедра во Македонија на која рускиот јазик се изучува како основен можете да одговорите на потребите како на студентите така и на пазарот?
Оваа година веќе се примени околу 20 нови студенти, а во тек е уште еден, трет уписен рок. Сигурна сум дека интересот за русистиката и за славистиката воопшто во иднина ќе расте. Веќе се чувствува недостиг од кадар. Постојано добиваме повици за ангажирање преведувачи. Дури и ние самите не можеме постојано да одговориме и на потребите на највисоките државни органи, како што се преведување со делегации, превод на основни меѓудржавни документи, судски преводи итн. Веќе истакнав дека заинтересираноста за студирање руски јазик насекаде во светот е огромна, претпоставувам дека набргу оваа тенденција ќе дојде и кај нас, имајќи го предвид сѐ поголемото продлабочување на економските и на културните врски меѓу Македонија и Русија.
Постои ли перспектива за рускиот јазик во Македонија?
Македонија и Русија ги поврзуваат длабоки културни и историски традиции. Од осамостојувањето на двете држави – Република Македонија и Руската Федерација – се забележува тенденција на сѐ поголема соработка на сите нивоа. Како најпопуларен сегмент би ја издвоила економската соработка. Сведоци сме на тоа дека во Македонија сѐ поголем е приливот на руски инвестиции, а тоа значи и зголемување на бројот на претпријатија од Русија кои се стационирани во нашата земја. Секако дека ним им се неопходни русисти како во секојдневната работа така и за деловна кореспонденција. Со зајакнување на врските се забележува и поголема побарувачка од судски преведувачи. Се разбира, не би требало да го заборавиме и туризмот како една од поперспективните гранки во Република Македонија. Во земјава има многу малку туристички водичи и придружници кои активно го владеат рускиот јазик, а тоа претставува проблем за туристите од Русија. Да не ги заборавиме и културните врски. Современата руска литература изостанува во македонските книжарници, а да не зборуваме за тоа дека огромен број дела од руската класика сѐ уште не се преведени на македонски јазик. Постојат уште многу полиња каде што рускиот јазик може да ја најде својата примена, но сметам дека дури и овие што ги споменав во моментов не можат да се покријат, така што доаѓаме до заклучок дека перспективите за рускиот јазик во Македонија се огромни. Бездруго рускиот јазик и руската култура со своето богатство ја задолжија светската цивилизација, затоа ние како нивни претставници треба подготвено и гордо да се грижиме за нив и да ги чуваме.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче