Православната енциклопедија.
Алексеј Никољски / РИА НовостиРуската делегација беше предводена од Михаил Ефимович Швидкој, специјален пратеник на претседателот на Руската Федерација за меѓународна културна соработка. „Руска реч“ го посети овој настан и поразговара со господинот Швидкој за „Православната енциклопедија“, за културните односи меѓу Русија и Македонија, како и за идните планови од областа на културата.
Руска реч: Целта на вашата посета на Македонија е промоција на „Православната енциклопедија“. Кажете ни нешто повеќе за неа.
Михаил Швидкој: „Православната енциклопедија“ беше основана во 1998 година по благослов на неговата светост, патријархот московски и на цела Русија Алексеј Втори. Таа беше поддржана од страна на владата на Руската Федерација. На почетокот овој проект имаше цел да се создаде енциклопедија не само на руското туку на сето православие, и не само на православниот свет туку и на христијанството во целост. На почетокот овој проект беше замислен како издание во дваесетина тома, а денес веќе можеме да видиме дека тоа доби сосема друга димензија, така што конечниот број, кога ќе биде завршена енциклопедијата, ќе изнесува 60 тома. Постојано на виделина излегуваат нови теми, нови проблеми, како на православието така и на христијанството во целост, односно станува збор за културна проблематика. Треба да се каже дека во создавањето на ова издание се ангажирани најдобрите интелектуални сили во Русија и во другите словенски земји, како и од несловенските земји. Треба да се спомене дека е голем бројот на универзитетите и на колеџите каде што „Православната енциклопедија“ се користи, а тоа говори за високиот квалитет на ова издание. Денес „Православната енциклопедија“ не е само печатено издание, и не е само електронска верзија, тоа е институција во која се обединети голем број истражувачи, а, исто така, и кинематографи, луѓе што работат на Интернет. Во последниве години „Православната енциклопедија“ сними три играни филма. Тука е филмот „Хорда“, кој е посветен на животот и делото на патријархот Алексеј Први, потоа тука е филмот „Поп“, кој е посветен и кој е поврзан со биографијата на прекрасниот отец Александар Ионин, кој бил дел од Псковската православна мисија за време на Големата татковинска војна. Тука се и други документарни филмови посветени на историјата на Византија, за христијанството до расколот. Денес „Православната енциклопедија“ е институција во која во различни правци работат голем број луѓе, како вцрковени, така и световни. Во „Православната енциклопедија“ работат луѓе со познавања од областа на хуманистичките науки, како и оние на кои им е интересна и блиска историјата на културата.
РР: Дали постои некаква симболика во врска со тоа што промоцијата се организира токму во Охрид?
МШ: Сите што говоревме на промоцијата рековме дека Охрид е мошне важно место од минатото, место каде што православието станало моќно. За Русија Охрид е посебно место, зашто словото на свети Климент, книжната школа на Охрид била предвесник на христијанското православие во Русија. Имено, оттука во деветтиот век православието дошло во Русија, а денес токму тука од истокот доаѓа „Православната енциклопедија“, како некој симболичен акт.
Михаил Ефимович Швидкој. Извор: Александра Мудрац / ТАСС
РР: Се планираат ли на полето на културата некакви поголеми настани, како што беа деновите на културата што се одржаа во Русија и во Македонија пред неколку години?
МШ: За тоа зборувавме со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, и со заменик-министерот за надворешни работи, Драгана Кипријановска, за отворање на културен центар на Руската Федерација во Република Македонија и, соодветно, на Република Македонија во Русија, за унапредување на рускиот јазик во Македонија и на македонскиот јазик во Русија и, секако, зборувавме за потпишување на спогодба за соработка за следните четири години во областа на културата, образованието, науката. Се надевам дека во втората половина на 2016 година, по одржувањето на парламентарните избори во Македонија, ќе се потпише спогодбата и дека следната година ќе се одржат Денови на руската култура во Македонија, а во 2017 година Денови на македонската култура во нашата земја.
РР:Можеме да кажеме дека културните врски се зголемуваат. Дали оваа тенденција се засновува на државно ниво или, пак, станува збор повеќе за приватни контакти?
МШ: Морам да ви кажам дека односите меѓу нашите култури бараат мошне сериозна државна потпора. Не можам да кажам дека денес во Македонија може да бидат реализирани големи комерцијални проекти за претставување на руската култура. Секако дека постојат и приватни спонзори, како што е, на пример, Лукоил, но јас сметам дека без државна поддршка културната размена меѓу нашите земји би одела многу тешко.
РР:Како ја оценувате сегашната состојба на руско-македонските културни врски? Можно ли е да се направи нешто повеќе?
МШ: Од моја гледна точка, потребно е да се воспостават врски меѓу современите интелектуалци во Македонија и во Русија. Меѓу литератите постојат долгогодишни врски, благодарение на постоењето на Друштвото на писателите, на Струшките вечери на поезијата, како и на Охридското лето. Сепак, јас мислам дека е мошне важно младината, онаа творечка младина од нашите земји да започне да комуницира.
РР:Своевремено Русија и руската култура беа широко присутни во Македонија. Се гледаа руски филмови, во театрите беа играни претстави, следевме концерти на руски уметници. Денес ситуацијата е поинаква, младите во Македонија многу малку знаат за Русија. Каков е вашиот став? Што треба да се стори во врска со ова?
МШ: Мислам дека и руската младина многу малку знае за Македонија, а тоа е лошо. Но, треба да сфатиме дека ние живееме во некаков добро изграден, или лошо изграден, капиталистички свет, така што денес многу работи што во социјализмот се чинеа природни и едноставни, денес се чинат сложени и тешки. Сепак, ќе потенцирам дека тука е важна улогата на нашите земји за да се обезбедат поголеми контакти меѓу младите.
РР: Ситуацијата со изучувањето на рускиот јазик во Република Македонија е мошне тешка. Може ли да се очекува преземање некакви чекори на државно ниво од страна на Руската Федерација?
МШ: Токму за тоа зборувавме вчера со заменик-министерот за надворешни работи. Македонската страна е подготвена да се заземе за унапредување на изучувањето на рускиот јазик во училиштата. Кај нас постои голема програма, која ја предводи Државниот институт за руски јазик „А.С. Пушкин“. Јас на моите колеги оттаму ќе им обрнам внимание да се заложат за рускиот јазик во Македонија.
РР:Ова не е ваша прва посета на Македонија. Какви се впечатоците од земјава?
МШ: Јас сум вторпат во Македонија. Но, кога некој државен службеник ќе дојде во посета, главно присуствува на официјални настани. Сепак, можам да кажам дека она што можам да го доживеам меѓу разните разговори и средби, секако е чувството на убавината на Македонија. На мене Охрид секогаш влијае смирувачки, тоа е место каде што моите страсти, човечките страсти се смируваат, човек станува близок до мирот, до другите луѓе и до Бога.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче