Пет клучни настани во руската надворешна политика годинава

РИА Новости
„Руска реч“ подготви преглед на петте најважни надворешнополитички настани за годинава што изминува, а кои ќе ја определат руската иднина во 2016 година.

Почеток на воената кампања во Сирија

Почетокот на операциите на руските ВКС против радикалните исламисти во Сирија на крајот од септември беше изненадување за поголемиот број набљудувачи. Меѓу нив и сега не постои единствено мислење за тоа со што била предизвикана ваквата одлука. Експертите забележуваат дека на одлуката на Москва можеле да влијаат неколку фактори или нивни комбинации:

– отсуство на успех кај коалицијата под водство на САД;

– обид да се даде импулс на политичкиот дијалог во Сирија;

– стравување дека доколку Русија не преземе нешто, Западот ќе воведе зона на забранети летови на Сирија по примерот на Либија.

Во исто време постои мислење дека одлуката за акција на руската војска во Сирија е резултат на положбата на владината армија која била блиска до трагична состојба. „Доколку не беше руската воена кампања, до Нова година режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад ќе паднеше. Тој беше под голем притисок“, изјави за „Руска реч“ експертот и член на Советот на ПИР-Центарот Дмитриј Евстафјев.

Како последица од поразот на Ал Асад ќе се појавеше „исламистички хаос“ во Сирија, кој набргу ќе се преселеше и во Авганистан и Таџикистан – веднаш до руската граница.

Сега ситуацијата е изменета. Воената иницијатива премина на страната на сирискиот режим, Ал Асад и неговите сојузници имаат значајни успеси. Сирискиот претседател успеа да го консолидира и да го врати управувањето врз териториите и воените делови што се под негова контрола.

Како што подвлекува Евстафјев, „постојат сериозни успеси во јужните провинции, во делот на големиот Дамаск. Повторно е под контрола апсолутно стратешки принципиелната територијата околу Алепо“.

Аналитичарите се сложуваат за тоа дека моменталната етапа на воената кампања на руската војска во Сирија ќе продолжи до јануари во истиот облик, а можни се некои засилувања на военото присуство на РФ. Ова може да биде поврзано со временските услови – започнаа песочните бури, кои го отежнуваат летањето на авијацијата. Тоа време може да се искористи за активација на политичкото решение, смета Анатолиј Кортунов, прв човек на Рускиот совет за меѓународни работи. Понатаму, многу работи ќе зависат од позициите на земјите во регионот – државите од Заливот, Иран, Турција – во поглед на тоа дали ќе сакаат да тргнат кон компромис за решавање на политичката иднина на Сирија.

Уривањето на Су-24

Турција во решавањето на сириската криза излезе во прв план по инцидентот со рускиот бомбардер Су-24, кој беше соборен од турските ВВС во пределот на сириско-турската граница на 24 ноември. По ова односите меѓу земјите нагло се заострија.


РИА Новости

Во медиумите започна да се зборува за перспективата за вооружен конфликт меѓу Русија и земјата-членка на НАТО, па дури и со целиот блок. Сепак, Москва не избра воен одговор, ами воведе економски санкции против Анкара. Големината на руската реакција е поврзана со тоа што во дејствата на Турција Москва виде испланирана провокација.

Условите на инцидентот им даваат и на руските експерти основа да претпоставуваат дека ова навистина беше демонстративен гест на Турција, подготвена политичка акција. Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на овој начин сакаше да покаже „железна тупаница“ за да ја зголеми својата популарност кај масата, смета ориенталистот, експерт на Рускиот институт за стратешки истражувања, Елена Супонина.

Ердоган, со тоа што даде наредба да се урне Су-24, сакаше да го покаже незадоволството на Анкара од дејствата на Москва во соседна Сирија, претпоставува Анатолиј Кортунов од РСМД. Експертите забележуваат дека Турција одамна зборува за создавање зона на забранети летови над територијата што претставува ареал каде што живеат турскојазичните Сиријци, туркоманите – дел од земјата што е во близина на турско-сириската граница.

Ердоган се обидува да се позиционира себеси како заштитник на туркоманите. Откако го собори рускиот авион, турското раководство даде до знаење дека тие луѓе, без оглед на тоа дали се приврзаници на Ал Асад или се негови радикални противници, се наоѓаат под заштита на Турција, резимира Кортунов.

Аналитичарите сметаат дека Турција не предвидуваше ваква нагла реакција на Русија. Според мислењето на Супонина, Турците „не очекуваа дека Русија ќе одговори многуплански на сиот спектар економска соработка“.

Како резултат на инцидентот со бомбардерот, вели Супонина, односите што со децении се градеа меѓу Москва и Анкара беа урнати, а за нивно востановување „ќе отидат не недели и месеци, ами години“.

И на Москва, и на Анкара, сега ќе им биде тешко да отстапат, смета Кортунов. „Можно е омекнување на односите, но нивно востановување во претходниот формат и во претходниот обем нема да има“, уверен е аналитичарот.

Освен руско-турските врски, уште една жртва на конфликтот меѓу Анкара и Москва експертите сметаат дека е настојувањето за создавање вистинска меѓународна коалиција за борба со ИДИЛ. Сепак, тие подвлекуваат дека на патот на создавање на овој проект и онака постојат многу проблеми, кои се однесуваат на различните погледни на основните играчи за начинот за решавање на блискоисточната криза.

Минск-2

На фонот на сириската криза на втор план беше поставена ситуацијата во Донбас. Сепак, украинската криза беше основна на дневниот ред на Русија во поголем дел од 2015 година. Во следната година ситуацијата во Донбас нема да изгуби на значење, без оглед на моменталното затишје.

Решавањето на кризата во Донбас се одвиваше под паролата за неопходност од придржувањето кон вториот мински договор, склучен во белоруската престолнина на 12 февруари 2015 година. Тогаш по повеќечасовен преговарачки маратон лидерите на Русија, Германија, Франција и на Украина ги усогласија основните чекори што треба да доведат до прекинување на огнот и до започнување мировен процес на југоистокот од Украина.

Извор: РојтерсИзвор: Ројтерс

Без оглед на Минск-2, воените дејства, нападите, без оглед на намалениот интензитет, продолжуваа до крајот на летото. Моменталното затишје во Донбас настапи дури во септември.

Според експертите, прекинот на огнот следуваше по фактичкото приклучување на САД во минскиот процес и по притисокот на Запад врз Киев. „РФ успеа да го убеди Западот дека нејзината позиција е насочена кон минимизирање на конфликтот, а дека позицијата на Украина само им создава главоболки на САД и на ЕУ“, изјави за „Руска реч“ членот на Цивилната комора на РФ, експертот Јосиф Дискин, кој потсети за посетата на заменикот на државниот секретар на Стејт департментот, Викторија Нуланд на Киев во јули, кога присуствуваше на заседанието на Радата.

Обете страни, Киев и Донбас, продолжуваат со меѓусебното обвинување за непридржување кон минскиот договор. Повторно започнаа напади, но тоа беше најмногу од стрелечко оружје.

Сериозен тест за решителноста на страните за придржување кон минскиот договор ќе биде спроведувањето на локалните избори во февруари, кои властите на Донбас ги одложија. Ова одложување треба да им даде на страните, а најмногу на Киев, време за прифаќање на законите од Минск-2, односно за давање широка автономија на југоистокот.

Но, засега медиумите не известуваат за некаков прогрес во врска со одобрувањето на соодветните закони. Ова дава мрачна перспектива за укинување на санкциите против Русија, со оглед на тоа дека реализацијата на минскиот договор е главен услов од страна на Западот.

Договор за Иран

Договорот за иранската нуклеарна програма, постигнат во средината на јули, беше неочекуван пресврт. Голем дел од принципиелните договори меѓу „шестката“ преговарачи (пет постојани члена на Советот за безбедност на ОН и Германија) и Иран беа усогласени уште во април.

Извор: РојтерсИзвор: Ројтерс

Во јуни се дојде до краен компромис кој беше прифатлив за сите. Договорот постигнат меѓу „шестката“ и Иран предвидува постепено укинување на санкциите кон Техеран во замена за сериозно ограничување на развојот на иранската нуклеарна програма, за која Западот смета дека цел на Иран е добивање нуклеарно оружје.

Неочекувана за Западот беше улогата што ја одигра Русија во постигнувањето на овој договор. „Ме восхити колку Путин и руската влада ги разделија овие две работи (двете прашања: за Иран и за Украина). Немаше да го постигнеме овој договор, доколку не постоеше подготвеност од страна на Русија да дејствува заедно со нас и со другите членови на ‘шестката’ за да дојдеме до добар договор“, изјави претседателот на САД, Барак Обама.

Некои набљудувачи не можеа да си објаснат зошто Русија го поддржува овој договор, со оглед на тоа дека по симнувањето на санкциите на светскиот пазар ќе дојде иранската нафта, а тоа значи уште поголемо намалување на оваа важна извозна стока за Русија.

Според мислењето на Москва, плусовите од овој договор за Русија ги надминуваат можните минуси. Иран ѝ е потребен на РФ како сериозен партнер, забележува Дмитриј Евстафјев од ПИР-Центарот. Според соработникот на програмата „Проблеми за неширењето“ на Московскиот центар „Карнеги“ Пјотр Топичканов, излегувањето на Техеран од санкциите на Русија ѝ дава добри перспективи, во прв ред во областа на воено-техничката соработка, а, исто така, и во областа на нуклеарната технологија од мирен карактер. Како што беше забележано во медиумите, висината на потенцијалните договори во областа на воено-техничката соработка се оценува на 20 до 70 милијарди американски долари.

Експертите подвлекуваат дека Иран е принципиелно важен за РФ од гледна точка на формирање на повеќевекторна надворешна и надворшеноекономска политика.

Техеран, заедно со Москва, исто така е активно вклучен во сириската криза и го поддржува претседателот Ал Асад. Укинувањето на санкциите додава легитимност на дејствата на Иран како во регионот така и на меѓународната арена, претпоставува Кортунов.

Самити на БРИКС и на ШОС

Во рускиот град Уфа во јули 2015 година се одржаа два самита – на БРИКС и на ШОС. На самитот на БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и ЈАР) беше направен исчекор во однос на обединувањето во полноцена организација. Како основни резултати од средбата експертите ги наведоа фактичкото отпочнување на финансиски механизми, како што е банката за развој на БРИКС и условен базен на девизни резерви. За Москва ова е од големо значење, со оглед на фактот што поради санкциите Русија се најде отсечена од пазарот на капитал. Првите проекти на банката за развој на БРИКС, чиј обем на капитал изнесува 100 милијарди американски долари, ќе започне со финансирање веќе во 2016 година.

Извор: РојтерсИзвор: РојтерсРезултатите на самитот на ШОС (организација што ги обединува Русија, Кина, Казахстан, Таџикистан, Киргистан и Узбекистан) се квалитативните измени во обединувањето, смета Пјотр Топичканов. Новиот квалитет на ШОС се огледа во одобрувањето на молбите за прием во организацијата од страна на Индија и на Пакистан. Според првиот човек на Центарот за истражување на Источна Азија и на ШОС при Московскиот државен институт за меѓународни односи, Александар Лукин, ова ја прави ШОС помоќна како светски играч, ја право „втор, незападен дел од Евроазија“. Москва добива нов сериозен инструмент за реализација на своите надворешнополитички интереси.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.