Ја плашат Москва со испорака на ракети за бунтовниците

1989 година. Муџахедин со американски ракетен фрлач на рамото при бунтовнички напад во Џалалабад.

1989 година. Муџахедин со американски ракетен фрлач на рамото при бунтовнички напад во Џалалабад.

Getty Images
Според податоците од американските медиуми, претставниците на таканаречената „умерена“ сириска опозиција се обратиле до САД со барање за испорака на ракети „земја-воздух“ за заштита од нападите на руската авијација. Кремљ засега не ги коментира овие информации, а руските експерти се сомневаат дека Белата куќа ќе се реши на ваков чекор, стравувајќи од зголемување на конфронтацијата во духот на студена војна. Впрочем, тие не ја исклучуваат можноста дека испораката на оружје ќе ја преземат врз себе главните регионални спонзори на опозицијата – Турција и Саудиска Арабија.

На фонот на обвинувањата за бомбардирање на таканаречената „умерена“ сириска опозиција од страна на Русија Washington Post соопшти дека на 2 октомври определени групи се обратиле до САД со барање да им се испорачаат средства за ПВО за одбрана од руските авиони. Сепак, ваквиот чекор на Вашингтон и на неговите сојузници многу би потсетувал на времињата на студената војна, кога САД во Авганистан им испорачуваа оружје на муџахедините, и може да доведе до понатамошен пораст на затегнатоста во односите со Москва. Аналитичарите, исто така, се сеќаваат како по заминувањето на советската војска од Авганистан, властите на САД беа принудени да изделат значителни средства за откуп на преносните зенитно-ракетни комплекси (ПЗРК) „Стингер“ од муџахедините, зашто се плашеа дека тие ќе бидат применети против американските војници или за терористички напади врз цивилните авиони.

Андреј Сушенцов, управувачки партнер на агенцијата „Надворешна политика“ за „Руска реч на македонски“ изјави дека САД и нивните сојузници нема да ги снабдуваат противниците на претседателот Башар ал Асад со ПЗРК или со други средства за ПВО, со оглед на тоа дека тие не сакаат понатамошно влошување на односите со Москва поради Сирија, која во нивните планови има споредна улога. „Умерената опозиција нема да добие Стингери, зашто во таков случај Ал Асад ќе добие С-300“, подвлекува експертот.

Доцентот на Вишата школа за економија Дмитриј Офицеров-Бељски во интервју за „Руска реч на македонски“ изјави дека испораката на оружје, по правило, не се рекламира и претпостави дека „публикацијата во Washington Post е, најверојатно, специјално протечена информација, која е нужна за да се измери реакцијата како на САД, така и на Русија“.

„Сириските бунтовници можат малку да го преувеличат степенот на подготвеност на САД за спротивставување на Русија во сирискиот конфликт и се обидуваат  да ја оживеат загриженоста на Москва за во иднина. Исто така не треба да се исклучи дека обелоденувањето на ваква информација е еден вид средство за ова прашање да биде поставено на дискусија. Постои и трета варијанта, која е малку веројатно, а тоа е дека дел од американскиот естаблишмент не е заинтересиран за зголемување на конфронтацијата со Русија и на ваков начин се обидува да ги спречи тајните испораки на ПЗРК и на друга воена техника“, објаснува Дмитриј Офицеров-Бељски.

Регионалните играчи можат да ѝ дадат оружје на опозицијата

Дмитриј Офицеров-Бељски додаде дека Саудиска Арабија и Турција веќе им испорачале на сириските исламски екстремисти ПЗРК, а определено количество можело да биде одземено во Либија и во Ирак, но тие не се ефикасни против современите борбени авиони како што е Су-34. „Најверојатна е варијантата дека испораките на противтенковско и друго вооружување ќе продолжи, а тоа никако нема да влијае на руските воздушни сили, но може да го зголеми отпорот на операциите што ги подготвува сириската војска, како и на експедициските сили на Иран“.

Директорот на Центарот за ориентални истражувања, меѓународни односи и јавна дипломатија Владимир Аватков не исклучува дека сириската опозиција може да добие средства за ПВО од Турција. „Од Турција може да се очекуваат неочекувани антируски чекори, меѓу кои и физичка поддршка на сириската опозиција. Ердоган по враќањето од Москва излезе со изјава во која за првпат ја прифати можноста за преоден период со Ал Асад на власт. Сепак, деновиве тој имаше нова изјава во која подвлече дека Русија сериозно се лаже и дека може да се најде во изолација, благодарение на својата политика“.

„Турција тргува и бара оптимална позиција за себе. Ова е поврзано како со надворешнополитичката средина, така и со ситуацијата во земјата, каде што се зголемува спротивставеноста меѓу водечките политички сили. За жал, економијата нема да ги спаси Москва и Анкара од геополитички противречност, кои изискуваат итни решенија. Во спротивен случај, ризикуваме да ја изгубиме Турција“, додаде експертот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.