Јазичен предизвик: Што треба да знаете пред да почнете да учите руски

Кирил Зиков / Агенција Москва
Размислувате да почнете да учите руски? Тоа и не е толку лоша идеја. Но, пред да тргнете во една таква јазична авантура, Russia Beyond ви ги претставува најголемите тешкотии со кои еден говорител на македонскиот јазик може да се сретне при изучувањето на рускиот.

Ах, тие падежи! 

Не, тоа секако не е нешто што паѓа од небо. Наједноставно кажано: падежите уточнуваат улогата на имињата (именки, придавки, заменки, прилози) и нивната врска со другите зборови во реченицата. За синтетичките јазици, како што е рускиот, е вообичаено да се служат со падежи за да може зборот да се „ориентира“ во реченицата. Секако, за говорителите на македонскиот јазик, кој е аналитички, ова претставува голем проблем. Македонците се навикнати на употребата на предлозите за да можат да го прикажат местото и функцијата на името во реченицата.

Рускиот јазик има шест падежи: номинатив (именительный), генитив (родительный), датив (дательный), акузатив (винительный), аблатив (творительный) и препозитив/локатив (предложный). Она што е многу интересно во врска со падежите е што во македонскиот јазик од старословенскиот најмногу е зачувана вокативната форма (од вокативниот падеж), којa во рускиот јазик не постои како падеж. Па, така, за оние чиј мајчин јазик е македонскиот освен тешкотијата за овие шест падежи, дополнителна мака создава и тоа што во рускиот јазик не постои посебна форма со која се повикува некој или се обрнува нечие внимание.

Глаголи за движење 

Она што за странците е навистина тешко во рускиот јазик се таканаречените глаголи за движење. Тоа се посебна група глаголи со кои се укажува на поместување на некој или на нешто во определен или во неопределен правец. Навидум изгледа многу лесно. Но, за Македонецот е сосема нормално да каже „одам дома“, „одам на работа со кола“, „одам во Москва“, „одам по продавници“... Во рускиот јазик за сите овие примери постои различни глаголи. Многу е важно дали дејствието се врши пеш, дали одите со автомобил или со некој друг надземен превоз, дали одите со авион или хеликоптер, или, можеби, со брод. Исто така за оваа група глаголи е важно дали сте тргнале во еден определен правец или немате однапред определен правец. Но, нека не ве плаши тоа. Фала Богу, постојат и посебни учебници и работни тетратки за овој вид глаголи, со што можете мошне лесно, низ голем број вежби, да ги совладате. 

Каде е акцентот?

За говорителите на македонскиот јазик е сосема нормално да знаат каде паѓа акцентот: правилото вели дека тоа е третиот слог одзади кај повеќесложните, и вториот кај двосложните зборови, а исклучок се зборовите од странско потекло кои го задржуваат својот акцент. Е, ама во рускиот не е баш така. Првото нешто што ќе ве збуни дека секој збор си има свој акцент. Потоа, како дополнителен проблем, е фактот што акцентот е подвижен, па кога менувате некој збор акцентот „шета“. Па, потоа доаѓа проблемот на редукција: во зборот може да има десет букви О, но само она што е под акцент ќе ја прочитате како О, додека останатите како А или нешто помеѓу О и А. За да не ви биде малку досега напишаново, мораме да додадеме дека во обичните руски текстови акцентот не се бележи, така што ќе морате да научите. Не, не сакаме да ве исплашиме, едноставно знајте дека и самите носители на рускиот јазик знаат да го „утнат“ акцентот, а на странците тоа секако им се простува.

Блиски, а сепак далечни 

На нашиот сајт можете да најдете многу текстови за таканаречените лажни преведувачки парови. Овој феномен се должи пред сè на фактот што и македонскиот и рускиот јазик имаат ист корен – старословенскиот. Но, по многуте векови во нивниот развој, освен тоа што рускиот останал синтетички, а македонскиот преминал во аналитичката група јазици, и зборовите почнале да се развиваат на различен начин. Така некои зборови со текот на времето добиле поинакво значење, па во современиот јазик тие претставуваат проблем.

Кој род?

Уште една сложност е родот кај именките и кај придавките. Треба да се запомни и да се начули увото за да се сфати дека некоја именка, иако се изговара (речиси) исто како во македонскиот јазик има друг граматички род. Мошне често се поставува прашањето зошто, на пример, именката „печат“ во македонскиот е машки, а „печать“ во рускиот јазик е во женски род. Тука, секако, може да претставува проблем и поврзувањето на вкоренетите граматички родови. За говорителот на македонскиот јазик е тешко да си претстави дека именката „собака“, иако според сите признаци, е женски род, кога „куче“ во македонскиот е во среден род. 

Добро, крајот на овој текст нека биде тука. Доволно ве исплашивме за едно читање. Но, продолжете да нè следите, зашто ние за вас подготвивме уште многу интересни текстови на оваа тема. Секако, тоа не е за да ве исплашиме, ами за да ви влееме надеж – и ние ги имавме овие проблеми, но ги надминавме!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња