Лажни преведувачки парови: Ладно-ладно.
Ена НалбантиќЗборот „ладно“ влегува во групата на лажните преведувачки парови како апсолутен меѓујазичен хомоним (хомоними – зборови кои имаат иста форма, но различно значење). Во рускиот јазик постојат повеќе значења на овој збор кои се употребуваат во различни контексти и ситуации, но ниту едно од нив не одговара на значењето на македонската лексема „ладно“. Со оглед на тоа дека оваа лексема и во двата јазика има повеќе значења, ние ќе се задржиме на оние кои се однесуваат на неговото значење како придавка или како прилог, а кои всушност и ја прават забуната.
Зборот „ладно“ во рускиот како прилог може да се употреби со следниве значења: 1) што одговара, на начин на кој што е потребно 2) спокојно, мирно 3) добро 4) успешно, среќно 5) прецизно, точно 6) со добро, на добар начин. Во улога на предикат (зборови кои означуваат статичка состојба и кои имаат функција на прирок во безлична реченица) овој збор во рускиот јазик исто така има повеќе значења: 1) во ред, се согласувам 2) ништо не може да се стори: нека биде така 3) доволно, доста е. Треба да се забележи дека ваквата употреба на зборот „ладно“ во рускиот јазик е обележана како разговорна, исто како и неговата најчеста употреба како честица со која се потврдува нешто или се дава согласност за нешто.
Во македонскиот јазик лексемата „ладно“ соодветствува на руската „холодно“ и со неа се означува: 1. студено 2. Незаинтересирано, рамнодушно; непријателски (фигуративно) [Мурговски З. Речник на македонскиот јазик, Скопје, 2005].
Во врска со појавувањето на зборот „ладно“ во рускиот јазик научниците кои се занимаваат со етимологија не можат со сигурност да дадат одговор за неговото потекло, па затоа не прават ниту претпоставки. Во македонскиот јазик зборот „ладно“ (ладен, ладна како придавки) имаат старословенски корен „хладъ“ (со праиндоевропско потекло: готски kalds „ладен“, осетински sald „лад“, германски kalt, латински gelidus), при што со историскиот развој иницијалното х во македонскиот јазик отпаѓа.
Постојат две вистински анегдоти за кои често се зборува во лингвистичките кругови, а кои се поврзани со овие два збора. Првата е кога една бизнис-делегација од Руската Федерација дошла во Македонија на посета. Русите постојано во своите разговори се согласувале и велеле „ладно“. Била рана есен и времето било сосема пријатно. Тогаш еден од македонските домаќини ја прашал преведувачката: „Не ми е јасно како на Русите тука, во Македонија, постојано им е ладно, кога имаат во Русија студени и долги зими“.
Втората анегдота се случувала во Москва кога еден колега-лингвист кој заминал во Москва излегол на прошетка со познаници од Русија. Тој не зборувал македонски, а тие не зборувале руски, но постојано велеле дека се разбирале меѓусебно. Во Москва во тоа време било многу студено и се ближела Нова година. Русите го повеле својот пријател по московските улици и постојано го прашувале како е. Тој им е одговарал „ладно“, па тие заклучиле дека му е пријатно.
Блискоста на нашите два јазика која се заснова на нивното заедничко потекло може често да биде од голема полза. Но, постојат и некои мали замки на кои треба да се внимава. Следниот пат кога ќе го слушнете зборот „ладно“ на руски, сетете се на овој наш текст.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче