Ниту една земја од ЕУ не предложила да се воведат санкции против Русија поради ситуацијата во Сирија, изјави шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини.
„Тоа не е предложено од ниту една од земјите-членки. Тоа многу активно се дискутира во медиумите, но не и на нашите состаноци. Ниту на еден од состаноците ниту една од земјите не го предложила тоа. Санкции против Русија не се предложени во моментов од ниту една од земјите-членки“, изјави Могерини за новинарите пред состанокот на шефовите на дипломатиите на ЕУ, пренесува РИА „Новости“.
Разговорите за воведување санкции против Москва почнаа по заострувањето на ситуацијата во сирискиот град Алепо, каде се водат жестоки борби. Западот ги обвинува властите на Сирија и Русија за бомбардирање на цивилите и вооружената опозиција.
Претходно претставник на Стејт департментот изјави дека Вашингтон не исклучува воведување санкции против Москва во случај на неуспех на дипломатијата за Сирија. Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков од своја страна изјави дека Кремљ не гледа причина за воведување на ограничувањата, затоа што Русија е единствената земја која легитимно се бори со тероризмот на територијата на Сирија.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров исто така изрази надеж дека на Запад ќе преовладее здравиот разум, а не желбата за сѐ да се обвинува Москва.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче