Чавушоглу: Односите меѓу Турција и РФ „влегуваат во нормала“

Турција не се чувствува виновна за соборувањето на авионот Су-24, изјави министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу и додаде дека Тусија со економските санкции што ѝ ги воведе на Анкара се казнила самата себе.

Односите меѓу Москва и Анкара се малку подобрени, меѓутоа целосна нормализација не треба да се очекува во догледна иднина, изјави министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу.

„Во моментов сѐ постепено се нормализира. Русија е посмирена, меѓутоа, таа не направи никаков позитивен исчекор. А со мерките што ги донесе го казни сопствениот народ. Во догледно време не треба да се очекува дека клучните позиции на двете страни ќе се променат“, изјави Чавушоглу во интервјуто за телевизијата ТГРТ.

Тој повтори дека Турција не се чувствува виновна за соборувањето на рускиот воен авион и рече дека Анкара изнела пред рускиот министер Сергеј Лавров соодветен предлог.

„Претставници на двете земји треба да одржат состанок, нека тие ги изработат предлозите за тоа што сѐ треба да сториме. Меѓутоа, не добивме одговор. Во овој момент нема тензии и не треба ни да има. Понекогаш доаѓа до недоразбирање меѓу земјите, но Русија мора да сфати дека нарушувањето на туѓи граници, независно од тоа дали од море или од воздух е погрешно, тоа е непочитување на соседите, рече турскиот министер за надворешни работи, пренесува РИА „Новости“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња