САД ќе ѝ вратат на Русија украдени историски документи

На 3 март во резиденцијата на американскиот амбасадор во Москва ќе се одржи свечена церемонија во текот на која на руските власти ќе им бидат предадени 28 вредни историски документи од XVIII-XX век.

Овие артефакти биле украдени од руските архиви на почетокот на 1990-те години и подоцна пронајдени од Министерството за внатрешна безбедност на САД. Историските вредности биле објавени за продажба од аукциски куќи, уметнички галерии, како и од приватни колекционери.

Официјалната церемонија ќе ја одржи амбасадорот на САД во Русија Џон Тефт. Во настанот ќе земат учество претставници на Министерството за внатрешна безбедност на САД, Министерството за култура на Русија, видни дејци од културата и уметноста, стручњаци на полето на историјата и архивистиката.

Овој настан е веќе шести по ред. Се планира Русија меѓу 28 особено вредни документи да ги добие и 4 царски укази, 17 цртежи на архитектот Ј. Г. Чернихов, како и наредбата на Народниот комесар за одбрана на СССР Ј. В. Сталин од 14 март 1944 година Бр.23.

Според портпаролот на амбасадата на САД во Русија Вилијам Стивенс, ваквите манифестации сведочат за тоа дека без оглед на политичката конфронтација, соработката меѓу двете земји за практични прашања продолжува.

Последната церемонија за предавање на културни вредности од САД за Русија се одржа во 2013 година, пишува Комерсант.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња