„Експерт“: Москва е подготвена да игра на „курдската карта“ против Ердоган

„Експерт“ ја анализира сегашната ситуација во Турција во однос на курдското прашање.

Рускиот портал „Експерт“ објави анализа на сегашната ситуација во Турција, со посебен осврт на курдското прашање и улогата на Русија во тоа.

 

Ако се земе предвид дека а) етничките Курди се околу 20% од населението на Турција и б) град со најголем број курдски жители е Истанбул, Анкара треба сериозно да ги сфати заканите од Работничката партија на Курдистан. Особено доколку Москва реши да игра на картата на Курдите и да почне дијалог со сириските и турските Курди.

Соборувањето на рускиот авион од страна на Турција промени мноштво парадигми во односите меѓу Москва и Анкара, сепак нов пристап на Кремљ кон курдското прашање ќе стане најголема главоболка за турското раководство. Тоа може да доведе до долготрајни последици за турската внатрешна и надворешна политика, а и да им помогне на Курдите да ги реализираат нивните цели како во Турција, така и на Блискиот Исток.

Кремљ веќе прави некои чекори во таа насока. Така, во Москва престојуваше Селахадин Демирташ (за што беше удостоен со зборови на неодобрување од страна на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган и премиерот Ахмет Давутоглу), а покрај тоа руското Министерство за одбрана, според сѐ, воспостави дијалог со единиците на сириските Курди.

„Освен нив никој нема да реши такви стратешки задачи како затворање на сириско-турската граница, јуриш на главниот град на „Калифатот“ и др. А ние гледаме какви „успеси“, без оглед на нашите постојани бомбардирања, демонстрираат сириската армија и иранските специјални сили. Борците на либанскиот „Хезболах“ војуваат добро, но во Сирија ги има мошне малку. А одредите на YPG и ССА (сириската опозиција) ја протераа ИД од сирискиот град Аин Иса, од каде до Рака има 50 км. И тие се подготвени да го освојат главниот град на „Калифатот“, вели директорот на Центарот за проучување на земјите од Блискиот Исток и Централна Азија Семјон Багдасаров.

Од друга страна, Кремљ треба крајно претпазливо да се зближува со Курдите – на крајот на краиштата, Курдите претендираат не само на делови од Турција и Сирија, но и од Иран. А Техеран нема намера да ги дели со нив.  

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња