Конашенков: Руската авијација ликвидираше водачи на ИД во близина на Рака

Руски Су-34 по информација добиена од сириската опозиција го бомбардирал местото на состанок на команданти на бунтовниците во близина на таканаречената престолнина на „Исламската држава“ Рака, соопшти портпаролот на Министерството за одбрана генерал-мајор Игор Конашенков.

Командата на руската авио-група во Сирија продолжува да добива информации за објекти на ИД и други терористички групи во Сирија од претставници на патриотски ориентираните опозициски сили, соопштува Министерството за одбрана на РФ, а пренесува „Взгљад“.  

„Така, во понеделникот од претставници на еден од одредите на сириската опозиција кои дејствуваат на североистокот на земјата, беше доставена информација за планирана средба на теренски командири на ИДИЛ во близина на градот Рака“, рече Конашенков.

„Во текот на два дена над наведениот реон беше организирано деноноќно набљудување од воздух. По потврдувањето на информацијата за пристигнување на водачите на бунтовниците на местото на состанок, од авион Су-34 беше извршен воздушен удар. Како резултат на директниот погодок на наведуваната бомба, објектот во целост беше уништен“, изјави портпаролот на министерството.

Претходно беше соопштено дека руски Су-25 уништил во провинцијата Алепо терористичка база, еден тенк и автомобили со тешко вооружување.

Според зборовите на Конашенков, вкупно „во изминативе два дена од 28 декември авионите на ВКС Русија во Сирија извршија 121 борбен лет врз 424 објекти во провинциите Алепо, Идлиб, Латакија, Хама, Хомс, Дамаск, Дарја, Рака и Деир-ез-Зор“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.