Ѓукановиќ: Русија игра активна улога во протестите во Црна Гора

Премиерот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ изјави дека некои изјави на руското МНР наводно можеле да влијаат на однесувањето на граѓаните во антивладините протести во Црна Гора.

Премиерот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ смета дека српските националисти и Русија играат активна улога во организацијата на антивладините протести во земјата насочени кон смена на власта и политичкиот курс на државата.

Во Црна Гора изминативе недели имаше серија протести, иницирани од коалицијата на опозициските партии „Демократски фронт“. Последната масовна демонстрација се одржа во саботата и заврши со растерување на активистите против кои полицијата употреби солзавец и други специјални средства.

Како што изјави Ѓукановиќ за хрватската телевизија ХРТ, последните настани во Црна Гора претставуваат обид за државен преврат и тој нема никакви сомнежи дека „српски националистички кругови“ учествувале во тоа.

„Исто така нема никакви сомнежи дека Русија има и продолжува да игра активна улога во организацијата на протестите против власта во Подгорица. Тука не се потребни особени интерпретации. Доволно е да се погледнат трите изјави на кои веќе укажав“, изјави Ѓукановиќ.

Премиерот ги наброја соопштенијата на руското МНР: првото – во врска со посетата на Ѓукановиќ на Вашингтон, второто – во текот на првата фаза од протестите и третото – пред две саботи, кога, според зборовите на премиерот, МНР РФ „објави соопштение во кое наведе дека црногорскиот пат кон НАТО може да биде проблематичен од гледна точка на стабилноста, демократскиот развој итн“.

„Така што не треба далеку да се оди. Мислам дека има повеќе од доволно факти кои кажуваат дека организаторите на протестите во Црна Гора, за жал, имаа и сериозна поддршка надвор од границите на Црна Гора и дека, што би рекол, единствена нивна намера им беше да ја запрат Црна Гора на патот кон нејзината европска и евроатлантска интеграција“, изјави Ѓукановиќ, а пренесува РИА „Новости“. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.