Кулата на Котељнически кеј – елитна зграда за чекисти која ја изградиле затвореници

Начин на живеење
ЕКАТЕРИНА СИНЕЉШЧИКОВА
Дознајте што се наоѓало порано во познатата зграда, дали е точно дека нејзиното градилиште било логор на ГУЛАГ и кој живее денес во некогаш елитната зграда?

Адреса: Котељнически кеј 1/15. Најблиски метро-станици: „Таганскаја“, „Китај город“

Година на изградба: 1937–1952.

Што се наоѓа во зградата: Станови, продавници, ресторани, банка, услужни дејности и кино.

По победата во Втората светска војна програмата на Сталин за реконструкција на Москва требала овој град да го направи пример за останатите. Седумте облакодери, „седумте сестри“ биле олицетворение на неговата величина и триумф. Познатиот „сталински“ облакодер на само 900 метри од Кремљ првобитно е граден како станбена зграда. Но, секогаш бил повеќе од тоа.

Како настанала зградата

Облакодерот е подигнат на местото на магацин за брашно. Имено, порано на устието на реките Москва и Јауза имало голем број мелници. За изградба на облакодерот уништени се и четири улици на стара Москва.

Реонот е избран со причина. Во тоа време овој кеј, како и дел од блискиот остров Балчуг, биле место на интензивна изградба на раскошни згради во стилот на „Сталиновиот“ ампир.

Првобитно според генералниот план на Сталин требало да бидат подигнати не седум, но осум облакодери: осмиот требало да се наоѓа во населбата Зарјадје (денес тука има парк со истото име), но тој не е завршен, па така токму облакодерот на Котељническиот кеј бил најблизок на Кремљ. Го проектирале архитектите Дмитриј Чечулин и Андреј Ростковски – обајцата носители на Сталиновата награда.

Како и на изградбата на главната зграда на МГУ, тука работеле затвореници од ГУЛАГ. Сѐ до 1953 година затворскиот логор се наоѓал на самото градилиште, а со цел никој да не избега, целата територија била оградена со ограда висока три метри со дополнителни пет бодликави жици и безбедносна зона широка половина метар, на која никој не смеел да ѝ пријде. До летото 1951 година освен затворениците зградата ја граделе и воени заробеници. Ги нарекувале „специјален контингент“.

Фактот дека на зградата работат затвореници им бил добро познат на сите нејзини станари. И денес една од често споменуваните легенди на повеќедецениските станари гласи: „Кога ќе забиете клинец или ќе дупчите дупка во ѕидот, немојте да се исплашите ако наидете на скелет. Тоа се затворениците кои ја граделе нашата зграда го заѕидале надозрникот на работата што особено го мразеле“.

Зошто зградата изгледа така

Архитектите тврдат дека како модел за оваа зграда била архитектурата на московските градби од крајот на 17 век – храмовите како што е Храмот на Покровот на Богородица во населбата Фили.

Централната висока градба има 32 ката, а заедно со шилецот е висока 176 метри. Порано зградата имала 540 станови, а денес има околу 700. Поради стегнатата композиција на врвот многу станови во горниот дел се мали и незгодни за опремување, но тоа не им пречело на станарите, зашто сѐ што е направено во оваа зграда е направено за да го подигне статусот на нејзините станари.

Централниот влез потсетува на раскошен дворец: свечени мермерни скалила со столбови, порцелански барелјефи со боја на слонова коска, ѕидови обложени со гранит, скулптури, кристални лустери. Во дворот на зградата има подземна гаража на чиј покрив порано имало тениски терени.

Идејата била, доколку станарите сакаат да можат сите потреби да ги задоволат во самиот комплекс на зградата, без да излегуваат надвор. Зградата е изградена како станбено-животен комплекс. Приземјето било наменето за трговија и за услуги (што било новитет во тоа време). Во состав на комплексот имало продавници, пошта, кафулиња, салони за убавина, пералница, сликарско ателје, школа за шах и кино во кое се прикажувале филмови од фондот на „Госфилм“, најголемиот архив на филмови во земјата.

Во истата зграда се наоѓало и легендарното ателје за шиење униформи и цивилни одела. Токму на ова место се шиени мундирите за маршалите Жуков, Будјони, Конев. А, лустерите од ова ателје се користени за снимањето на филмот „Војна и мир“ на Сергеј Бондарчук.

По што е специфична зградата

Станбената зграда на Котељническиот кеј одамна е еден од најважните симболи на Москва. Се појавува во култни филмови и серии: од „Москва не им верува на солзите“ до „Брат 2“ и „Хардкор“.

Најпрво во зградат станови добиле чиновници на НКВД, односно МВР. Изградбата ја надгледувал Лаврентиј Берија, најблискиот соработник на Сталин, и решено било станови да им се поделат на „најблиските луѓе“. Меѓу нив биле и нуклеарни физичари кои работеле под раководство на Берија на проектот за атомско вооружување. А, со цел елитноста на зградата да дојде до израз, тука се вселила и креативната интелигенција.

Во различно време во зградата живееле поетот Евгениј Евтушенко, глумиците Фаина Раневскаја и Нона Мордјукова, балерината Галина Уланова, глумците Александар Ширвинт и Михаил Жаров, писателите Константин Паустовски и Василиј Аксјонов и други. Иако архитектот Чечулин по смртта на Сталин паднал во немилост како креатор на „претерано накитена“ „Просталинска“ архитектура, и тој добил клуч од стан во зградата.

Луѓето се вселувале во веќе уредени станови, раскошно и целосно опремени: со скап паркет, штукатура на плафонот, кристални лустери, бронзени ламби, увозна санитарија и современ мебел, додека обичните советски граѓани можеле во текот на цел живот да заштедат само за еден кристален лустер.

Забрането било мебелот во становите да се поместува, а камоли нешто да се преградува и да се менува распоредот на просториите. За тоа сметка воделе надзорници кои редовно ги обиколувале становите. Оваа забрана била поврзана со фактот што во „зградата на чекистите“ секаде биле поставени микрофони за прислушување, па со поместувањето шкаф или комода можело да се скине некој кабел.

Кој живее денес во оваа зграда

Денес облакодерот на Котељническиот кеј повеќе не е престижна локација. Тука главно живеат потомците на оние што ги добиле становите уште во советско време, Многумина ѝ припаѓаат на постарата генерација. Становите исто така се продаваат или се изнајмуваат.

Просечната цена на двособен стан во оваа зграда изнесува 50 милиони рубли (околу 600 илјади евра), додека истиот стан може да се изнајми за 100-170 илјади рубли месечно (1.150-2.000 евра). Младите често киријата ја делат со цимери.

Од некогашниот раскош не останало многу. Во централното фоаје зачуван е мозаикот на плафонот и мермерот по ѕидовите. Меѓутоа, оригиналното уредување на становите е изменето (иако некаде можат да се сретнат определени елементи, како што е оригинален лустер или огледало). Освен тоа, инсталациите се застарени, што на станарите им задава особена мака. Поради старата вентилација и дрвената преграда добро се слуша што се случува во соседните станови.

„Во станот постојано нешто се расипува и прегорува. Два месеци откако се доселив сфатив дека зградата е подигната за убавина, а не за живот. Навистина, се наоѓа во центарот, но не е близу метро-станица. А, ви требаат најмалку 20 минути за да ја обиколите“, вели Ксенија Вечтомова, која во зградата изнајмува стан.

Како можете да ја погледнете зградата однатре

Строгите портири и денес внимаваат никој освен станарите и нивните гости да не влегува во зградата.

Порано можеше да се влезе доколку се купи билет за стан-музејот на балерината Галина Уланова, но тој веќе неколку години е затворен поради реконструкција. Единствена можност е да купите билет од агенцијата „Покриви и над покривите“ која за 2.000 рубли (25 евра) организира екскурзија во холот на зградата и служи чај во стан со поглед на центарот на градот.

За оние што сакаат макар формално да се најдат во легендарната градба, постои проверена варијанта: посета на киното „Илузион“. Ова старо кино на приземјето од зградата е истото во кое порано, како и денес, се прикажувале филмови од архивата на фондот „Госфилм“. Секако дека е реновирано, па изгледа како современо кино со уникатен репертоар.